26-та Недела по Педесетница

На 03.12.2023 година, во 26-та Недела по Педесетница, во храмот Пресвета Богородица-Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Томислав Јосифовски, ереј Велјанчо Огненовски и ѓакон Славчо Ѓорѓески. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г.Јосиф се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа на која меѓу другото истакна:

 Денешното евангелско четиво што го прочита ѓаконот би рекол дека е Евангелие за земните грижи и за ненадејната смрт. Мудриот човек секој ден се грижи да ги исполни Божјите заповеди со дела на прошка, милосрдие и љубов. Така тој се богати во Бога. Тоа што му е најмило и најскапо мудриот човек не го чува во своите амбари и кошеви, туку го полага во рацете Божји. Тоа е душата негова. Тоа е најголемото богатство негово,единственото благо што не пропаѓа и не умира.

Мудриот човек секој ден има готова сметка со овој свет и подготвен е да легне и да умре со постојана вера дека ќе оживее и ќе излезе пред лицето Божјо. Колку е страшна ненадејната смрт! Кога човекот смета дека сосема цврсто стои на земјата, таа може одеднаш да се отвори и да го голтне, како што го голтнала Датан и Авирон (5Мој. 16, 32). Кога богозаборавниот развеселен човек се подготвува да се весели уште многу години, паѓа огнот и го изгорува како што ги изгоре Содом и Гомор. Кога човекот мисли дека добро е осигуран и кај Бога и кај луѓето, наеднаш паѓа мртов како Ананија и Сапфира (Дела ап.5,1-10). 

Со ненадејната смрт грешниот човек има две штети: за себе и за роднините. За себе оти умира непокајан; за роднините, зашто ги остава своите работи недовршени. Блазе му на оној што се разболува и пред смртта трпи маки и страданија. На тој му се дава можност уште еднаш да погледне врз целиот свој живот; да ги прегледа и да ги изброи своите гревови; да се покае за сите сторени лоши дела, како и за сите добрини што не ги направил; покајнички да заплаче и да зарида пред Бога и со солзите да ја очисти својата душа и да го замоли Бога за прошка, и самиот да им прости на сите оние што го навредуваа и го злоставуваа во животот, да ги благослови сите пријатели и сите непријатели свои, да ги предупреди децата да се бојат од Бога, да не забораваат на смртниот час и благовремено да ја богатат својата душа со вера, молитва и милост. 

Да се подготвуваш за смрт, тоа значи да се збогатуваш во Бога. Само тие коишто вистински веруваат во Бога и во другиот живот се подготвуват за смртта. Неверниците никогаш не се подготвени за смрт, тие се подготвуваат за што подолг живот тука на земјата. Затоа тие се плашат и да размислуваат за смртта, а уште помалку да се грижат за богатење во Бога. Кој пак се подготвува за смрт, тој се подготвува и за вечен живот. А какво е тоа подготвување за вечен живот, познато му е на секој христијанин. Мудриот човек секој ден ја утврдува својата вера во Бога и го заштитува своето срце од неверие, сомнежи и злоба како што мудриот домаќин го чува своето лозје од лошите мушички и скакулци. Нека биде волјата Божја за се. Да се молиме на Севишниот Бог да не ни испраќа ненадејна смрт во средината на нашите гревови и беззаконија, туку да не заштити како што го заштити царот Езекија (Иса. 38) и да ни даде денови за покајание. Амин!!!