Акатист кон Пресвета Богородица

На 04.04.2025 г., во петтиот  петок од Великиот пост, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, заедно со свештенството од храмот св.Кирил и Методиј-Тетово,  отслужи Мало повечерие со  целосно читање на Акатистот кон Пресвета Богородица. На крајот од Акатистот беседеше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓудругото истакна:Вечерва, браќа и сестри, го отслуживме последниот големиот Акатист во овој Велигденски пост, односно ги прочитавме сите пет статии од Акатистот кон Пресвета Богородица, во овој петти петок од Велигденскиот пост. Ние и се обративме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, да биде наша застапница и покровителка, и секогаш да ни помага во нашите страдања и искушенијата, во маките, болестите и тагите, и во сите несреќи што нам ни се случуваат, било да се од телесна, духовна или душевна природа.Ме радувате бидејќи сите овие изминати Петоци во сите наши храмови во Тетовско-гостиварската епархија видов дека храмовите се исполнети со верници кои ја молат Мајката Божја да се застапува и моли за сите нас.Нема поголема радост за мене како ваш архиереј, да гледам вака исполнет храм со верен народ кој го љуби Бога и се моли на Мајката Божја.Од свештената историја на нашата Црква знаеме за големото застапништво низ вековите дадено на сиот човечки род од страна на Пресвета Богородица. Нејзиното застапништво за нас никогаш не престанало и никогаш нема ни да престане.Таа е нашата грижлива Мајка, која постојано бдее над сите нас. Многубројни и неизброиви се чудата што се случиле по нејзиното застапништво како во минатото, така и во денешницата.Секојдневно ширум Православието во светот се случуваат чуда, благодарение на  неискажливата љубов на Богородица кон сите нас.Речиси помина Велигденскиот пост. Се доближуваме до Христовото воскресение. Веќе цели пет недели од Велигденскиот пост, Го молевме Бога да биде милостив кон нас, да го прими нашето покајание, и да ни ги прости сите наши престапи, грешки и гревови.Велигденскиот период е поле на покајание. Осознавајќи ја нашата духовна слабост, молитвено бараме помош од Пресвета Богородица, но и од други Божји угодници. Бараме помош, за да се застапат за нас пред Бога, и Он да ни даде сила за да можеме да ги надминеме сите слабости за време на овој подвиг.Имајте ги во послушание моите зборови, во овој пети петок од Големиот пост и во престојните денови кои следат„да побрзаме пред Богородица и да паднеме пред неа во покајание, извикувајќи и од длабочината на душата“: „Радувај се, на телото мое исцеление и на душата моја спасение“. Секогаш кога Ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли и молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа, Која има сила непобедлива за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог, Исуса Христа нѐ сочуваа и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите, та со радост го дочекаме празникот над сите празници Воскресението Христово, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Пресвета Богородица, спаси нѐ!