Бадник

На 06.01.2024 година, Бадник - Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Златоустова литургија во Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ - Тетово. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со беседа на која меѓу другото истакна: ,,Голема е тајната на побожноста“ (1. Тим. 3,16), вели апостолот Павле, и навистина една неискажлива тајна се случува во оваа светлозрачна Бадникова ноќ, кога заради нас луѓето и заради нашето спасение, Пречистата Дева Го раѓа Предвечниот, Оној на кого земјата му принесува пештера, Непристапниот, на Кого и сите ние оваа вечер како пастирите и ангелите му принесуваме славословие, очекувајќи го и славејќи го Неговото славно Рождество, првиот празник меѓу празниците. Во ова навечерие на празникот Божиќ, на Бадник, сите ние со трепетна радост очекуваме голема средба: средба со витлеемскиот Богомладец. Подготвени да го пречекаме Христа Господа и по примерот на мудреците да му принесеме свој дар, дојдовме во овој Божји дом, кој за нас денес ја претставуваа Витлемската пештера, будни да го дочекаме Бог. Денес е Бадник, а зборот Бадник доаѓа од зборот бдеење, а бдеење значи да се биде на штрек, да се очекува да се случи нешто необично. А има ли нешто понеобично од тоа самиот Бог, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение. Да се биде христијанин значи да се следи Христос нашиот Бог и Спасител, Кој се родил во тело, и токму затоа овој ден е голем и спасоносен. Денеска е многу битно да останеме цврсти во нашата Света Православна Вера. Ова што денеска се случува, односно ова големо мноштво на деца и родители во храмот Божји т.е. во Соборниот храм на нашата Епархија посветен на „Светите Кирил и Методиј“, а верувам дека вака се исполнети и другите храмови на нашата Тетовско-гостиварска епархија и пошироко во нашата Света Црква. Длабоко верувам дека вие ова не го правите како некој обичај, туку според вашата силна изразена вера, која доаѓа од вашите души и срца. Сите ние очекуваме голем настан, затоа и вака сме сите возбудени, а големиот настан е всушност раѓањето на Спасителот наш Господ Исус Христос. Ние тоа треба да го направиме со чисти души, со просветлени умови.
Па така, сите ние подготвени, со просветлени умови и со очистени срца и души, да го дочекаме и да ги подготвиме нашите тела, а исто така и нашите души и срца, бидејќи нашите тела се создадени да бидат храмови на Светиот Дух, па така, да ги подготвиме душите, срцата и умовите наши, за во нив да се всели новородениот Богомладенец, Спасителот наш Господ Исус Христос. Нека е честит празникот Бадник, и со духовна радост да го дочекаме големиот и спасоносен празник раѓањето во тело на Христа нашиот Бог и Спасител. Со надеж и искрена верба во очекувањето на Божиќната средба со Христа, Ви посакувам среќни Божиќни празници и безброј радости во Вашите домови. За многу години нека е празникот.