Bтор ден Велигден, во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ - Мала Речица
06.05.2024 На втор ден Велигден, света архиерејска Златоустова Литургија беше отслужена во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ - Мала Речица, Тетово, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати кон присутните верници со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Прославувајќи го овој ден како празник над празниците и торжество над торжествата, со особена духовна радост си спомнуваме за искупителните подвизи на Спасителот на светот, Неговите крстни страдања и светлото Воскресение. Велигден, тоа не е некоја убава приказна, ниту, пак, теоретско богословие и не е ден воспоставен за споменување на некој настан од минатото или, пак, народно предание. Велигден е центарот и суштината на христијанството. Тоа е победа подарена од Бога на нас. Од времето на апостолите, па сè до сега, Црквата проповеда за Воскресението Христово како најголемо чудо во историјата на човештвото. Таа зборува за ова чудо, не само како евангелски факт, туку, таа зборува за важното и судбоносно значење, за сите што го примиле пасхалното благовестување.Во овие свештени денови кога ние сме исполнети со воскресенската радост која ги воскреснува нашите грешни души еве сме во овој прекрасен маченик манастир посветен на св.Ѓорѓи кој оваа година се совпадна со втор ден Велигден.Вие кои живеете христијански знаете дека божјите угодници, во нашата света црква, ги прославуваме со двојна цел. Прво, да се поучиме од нивниот животен пат, за да можеме да ги подражаваме, а истовремено, во светиот храм доаѓаме, за да оствариме средба со нашиот Спасител Господ Исус Христос. А пред сè, таа средба ќе ја оствариме, соединувајќи се со Него, преку светата тајна Евхаристија.
Денешниот празник непосредно се однесува на секој еден од нас. Воскресението Христово е извршено од Господа за избавување на паднатиот свет, а тоа, само по себе, е најголемата радост што може да ја доживее човекот.Воскреснатиот Господ да ни даде сили, па да го ползуваме нашиот живот за корист на нашите души. Да ги чуваме високите христијански морални одговорности и да создадеме од себе вистински христијани.Па не само ние, туку и оние околу нас да имаат силна и непоколеблива вера православна, со искрена љубов и со непоколеблива надеж. Да дозволиме оваа радост и овој празник да нè закрепи и да нè вдахнови за правење добри дела. Да ни даде цврстина, сила и меѓусебна љубов и почит.Господ да ве благослови сите вас кои сте дојдени денес тука во овој прекрасен манастир посветен на св. Ѓорѓи Победоносец. Господ да ги благослови сите добронамерни луѓе и црковниот одбор кој се грижи да го одржи манастирот.Имајте радосен празник.Радувајте се и веселете се бидејќи вие станавте наследници на Царството Небесно на кое нема да има крај". Христос воскресе!