Bтор петок од Великиот пост
На 29.03.2024 г., во вториот петок од Великиот пост, Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Андон Андоноски, протоереј Трпе Богојески, протоереј Александар Јанкоски и ѓакон Славче Ѓорѓески отслужи Мало повечерие со читање на втората статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во храмот „ Пресвета Богородица“ во Гостивар. По отслужувањето на втората статија од Акатистот кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот г. Јосиф кон верниот народ се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Од свештената историја на нашата Црква, знаеме за големото застапништво низ вековите дадено на сиот човечки род од страна на Пресвета Богородица. Во Акатистот што го отслуживме, слушнавме како Црквата Божја укажува на тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, се моли за сите свои чеда тука на земјата, и од таму, кога ние имаме многу маки, страдања, искушенија, незгоди, болести и жалости, треба некому да му се обратиме за помош, а најпожелно е да и се обраќаме за помош на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е застапница за нас христијаните пред престолот на Севишниот Бог, нејзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос. Нејзиното застапништво за нас никогаш не престанало и никогаш нема ни да престане. Таа е нашата грижлива Мајка, која постојано бдее над сите нас. Многубројни и неизброиви се чудата што се случиле по нејзиното застапништво, како во минатото, така и во денешницата. Секојдневно ширум Православието во светот се случуваат чуда, благодарение на неискажливата љубов на Богородица кон сите нас. Секогаш кога ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли и молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа, Која има сила непобедлива за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог Исуса Христа, нѐ сочуваа и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите, та со радост го дочекаме празникот над сите празници Воскресението Христово, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!