Четринаесетата недела по Педесетница

13.09.2021 Во четринаесетата недела по Педесетница, митрополитот Тетовско-госиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм прес. Богородица-Гостивар.Верниот народ се причести со светите тајни. На светата литргија митрополитот г.Јосиф одржа пригодна беседа за денешното прочитано евангелие Мат.22-1,14 кој меѓу другото рече: Многупати досега сме го слушнале толкувањето на оваа парабола. Сепак, да се потсетиме дека во приказната за големата гозба, по повод свадбата на царскиот син, светите отци ја гледаат Црквата, ја гледаат благодатта, светите Тајни, а особено, светата Тајна Причест. Домаќинот, царот, кој приредува свадба е нашиот Спасител. Неговата куќа е Црквата, а богато сервираната маса е светата Причест. Исус, Кој е Бог и Господ, ги поканува сите да дојдат. Ниту еден домаќин во светов не е во состојба да понуди нешто повеличенствено од Христа, Кој со Својата човечка и божествена природа е леб и вино за нас – леб за вечен живот и вино за бескрајно блаженство. А на свадбата, на која сме поканети, Он на Својата маса ни го сервира непроценливото богатство на Својата благодат.