Четврта недела од Великиот пост

Во четвртата недела од Великиот пост на ден 03.04.2022 година во храмот „Св.Кирил и Методиј“ во Тетово беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф. На Литургијата присуствуваа мноштво верници, а оние кои се подготвувале пристапија кон светото Тело и Крв Христови. Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи:Браќа и сестри моќна е силата на молитвата кога е соединета со постот и побожноста. Тоа е победоносно оружје против злите духови. Спротивставете се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас, – нè поучува Божјото Слово. А, како да се спротивставиме? Со пост и молитва, со неисполнување на демонските предлози, со бегање од гревот. Почесто да се молиме. Молитвата нè потсетува на Бога, го просветува умот, ја разбудува совеста, го разоткрива ужасот на гревот, ја изнесува на јаве светоста на добродетелите.Постот е време на покајание, време кога нашите скаменети срца, со силата Божја, од бесчувствителни, треба да станат осетливи, од жестоки и ладни – топли и отворени за другите и за Самиот Бог.Да се обратиме со молитва и кон свети Јован Лествичник, на кого светата православна Црква му ја посветува оваа недела, тој да се помоли на Господа Исуса Христа за да ни ја зацврсти нашата слаба вера во силна и непоколеблива, та да можеме да живееме според неа. Да се испитуваме браќа и сестри како стоиме со верата. А што е вера? Тоа е оган што гори во срцето. Тоа е поглед на душата кој проникнува низ вековите.Амин.