Четврта недела по Воскресение
На 26.05.2024 г.,во Четвртата недела по Воскресението Христово, посветена на Раслабениот,Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф,отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св.Кирил и Методиј"-Тетово.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати со кратка беседа на која меѓу другото истакна:
Денеска ѓаконот прочита еден прекрасен евангелски текст за 38-годишен парализиран човек во Витезда.Што не поучува мили мои денешното евангелие?Ако сакаме да бидеме телесно и душевно здрави, прв услов е да не грешиме. Ако, пак, под влијание на нашата човечка слабост паднеме во некаков грев, веднаш да се фрлиме во благодатните лековити води на духовната Витезда -покајанието и да побараме помош од божествениот Лекар – Господ Исус Христос. А Он и нам, како некогаш на парализираниот во Витезда, ќе ни ја подаде спасоносната десница и ќе ни рече: „Земи ја постелката своја и оди си!“.Сите вие присутни овде на оваа литургија денес во Тетово знаете дека здравјето е наше скапоцено богатство и прекрасен дар даден од Бога.Човекот е вистински здрав само тогаш, кога душата му е здрава, односно, кога е чиста од сè што може да ја направи да биде болна. Навистина, за човекот претставува голема среќа ако има здраво тело, но бескрајно поголема среќа за секој еден претставува ако има здрава душа. Потребно е човекот да бара лек за своето тело кога е болно, но многу попотребно е да се бара лек за својата душа, кога и таа е болна од гревот.Зарем гревот не е прапричина за најголемото зло во светот -смртта и болестите кои ѝ претходат? Гревот е причина за сето зло, кое и денес се случува во светот. Бидејќи, што, всушност, претставува гревот? Гревот е беззаконие. А секое беззаконие е нарушување на воспоставениот ред и поредок. Затоа тука е свештенството и црквата.Исповедање на гревовите ќе ве чува, поддржува и охрабрува во вашиот духовен живот. Божјата благодат која делува во светите Тајни Покајание и Причест прави човекот да почне да ги чувствува своите гревови и слабости, да не се впушта лесно во гревот и да се зацврстува во вистините на верата, а Црквата и целиот нејзин поредок ќе му постанат помили и поблиски до срцето.Да се помолиме, браќа и сестри, преку застапништвото на Пресвета Богородица, на Светите Ангели, и на сите Свети, Господ да ни помогне и да не излекува од сите духовни, душевни и телесни болести. Амин!