Четвртата недела од Великиот пост на св. Јован Лествичник
На 14.04.2024 година, во Четвртата недела од Великиот пост на св. Јован Лествичник, во храмот „Св. Никола“ во Тетово беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Дарко Наумовски и ѓакон Илија Деспотовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот тетовски народ со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Недела на Свети Јован Лествичник е четвртата недела на Велигденскиот пост и доаѓа после Крстопоклоната недела. Оваа недела Црквата се сеќава на свети Јован Лествичник, духовен светилник и автор на капиталното дело на православната духовност - Лествица. Времето на Великиот пост е погоден период, сите да се запрашаме: каде се наоѓаме на духовната лествица? Дали сме се издигнале некое скалило повисоко, или пак стоиме на почетокот. Оваа четврта недела од Велигденскиот пост е посветена на св. Јован Лествичник. Овој голем подвижник на Црквата Христова многу се потрудил да ни ја открие тајната на духовниот живот. Тој нè учи дека духовниот живот не се здобива лесно. Не можеме одеднаш да ги собереме духовните сили и да спечалиме духовна мудрост. За да се добие дарот на Духот, потребно е да се трудиме и да се движиме постапно. Издигнувањето кон Бога не е можно без вера. Не случајно, во денешното евангелско четиво евангелистот Марко зборува за верата како неопходен услов за чудотворење (Мк. 9, 17-31). Слушнавме како родителот се обраќа кон Господа Христа со молба да го излекува неговиот син, кој бил опседнат од лош дух. Господ Христос му вели: Ако можеш да поверуваш сè е возможно! Прекрасни зборови на Божјата Мудрост. Се поставува прашањето: каква е нашата вера? Дали таа е цврста и непоколеблива или, пак, ние се сомневаме во неа. Дали сме цврсти во верата Христова и дали никакви надворешни светски соблазни не нè одвраќаат од верата. Затоа, во овој пост да започнеме да ги искачуваме тие небесни скалила што ни ги предлага Јовановата Лествица, како пат кон христијанското совршенство. Чекорејќи по овој пат што ни го покажа Светиот Јован Лествичник, ќе видиме дека во неговата личност имаме непогрешлив раководител, кој со своите татковски совети нѐ чува неповредени од секаква демонска сплетка и ни ја претставува духовната борба која пренесува од земното кон Светињата над Светињите и завршува во прегратките на Божјата љубов. Почеток на оваа борба е откажувањето од земното, а крајот Бог на љубовта. Амин. Имајте лесен и благословен период од постот и радосни да го дочекаме Воскресението.