Cв. Климент Охридски

На 09.08.2024 година, кога го празнуваме споменот на св. Климент Охридски, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво богослужеше света литургија во Лешочкиот манастир. Пред почетокот на Божествената Литургијата, Митрополитот г. Јосиф во чин чтец благоволи да го ракопроизведе г. Марко Димитриески матурант-ученик при МПБ. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денес го славиме споменот на свети Климент Охридски. Овој празник е од особено значење за нас како верници на нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, бидејќи со својата рамноапостолска дејност свети Климент како гласник на предвечната премудрост и вистина, неизбришливо се вгради во целокупната црковна историја. Она што особено мене ме предизвикува да зборувам за нашиот архипастир, е неговото чувство и осет за работа со младиот човек во Универзитетот, кој тој лично го основал и со тоа е и првиот вероучител на овие простори. Тој како никој до сега знаел дека само просветлениот млад човек може безбедно да чекори во животот и да допринесува за подобро утре, не само за себеси, туку и за оние покрај себе, за општеството, а со самото тоа и за светот околу себе. Да се има околу 3.500 ученици, да се грижи за нивното образование во тоа време, не е воопшто мала работа. Тој ни дал пример на неуморлив архиереј и просветител. Свети Климент Охридски слободно може да се нарече втор апостол Павле за Македонија. Во својата богата дејност најмногу настојувал да всади во луѓето вистинско христијанство. Успеал да го всади евангелието во црквата, во просветата, во образованието, во книжевноста, во државотворството и во општествените односи. Се трудел морално да ја препороди секоја човекова личност и да воспостави високоморален поредок во сите сегменти во животот на својот народ. Во сите сфери ја сеел љубовта, која ја имал во изобилие кон Бога и кон сите луѓе и народи. Ние во свети Климента како наш патрон и чувар – ја наоѓаме основата на нашиот јазик, просвета, црква, култура, книжевност, творештво и дух. Во свети Климент имаме севременски национален и црковен стожер, во кого се сосредоточени и нашето минато и нашата иднина, имаме лидер кој во себе ги собира времињата и вековите, генерациите и личностите, имаме отец што ни го доближи небото и вечноста. По светите молитвите на нашиот Просветител, Господи Исусе Христе помилуј нѐ! Амин!