Cв. Вмч. Екатерина
На 07.12.2024 на празникот св.Вмч.Екатерина,во манастирот св. Екатерина-с. Стенче -Тетово митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф ги благослови кумските лебови.Честитајќи им го денешниот храмов празник на присутните верници и кумовите митрополитот г.Јосиф истакна:Денес сме браќа и сестри овде во прекрасното и живописно село Стенче каде во 2022 го осветивме овој велелепен храм посветен на денешната светителка маченичка св.Екатерина.Тогаш на осветувањето на храмот во мојата беседа нагласив дека овој храм е дом Господов, дом за молитва и како таков преставува „парче небо на земјата“ во кое сите ние „оскребени и обременети“ од животните грижи наоѓаме спокој и мир.Со влегувањето во него и со молитва кон светaта Екатерина патронот на овој храм, повторно и секогаш ќе ја враќаме утехата, верата, надежта и љубовта во нашите срца.Женскиот свет, подобен на жените мироносици, продолжува да се пројавува низ целата историја на христијанството.Особено се покажале храбри за време на гонењето на христијаните.Мачениците се луѓе што пострадале, односно биле убиени само затоа што верувале во Господ Исус Христос и не сакале да го променат она што станало дел од нивното битие, зашто знаеле, живееле и чувствувале дека тоа е вистинското, зашто гарант за тоа е Оној Кој е Патот, Вистината и Животот.На сите нам добро ни е познато житието на денешната светиталка маченичка св. Екатерина,добро ни се познати и други житија на маченички како пример: св.Варвара, св.Софија со нејзините три ќерки,св.Злата Мегленска и уште многу неброени жени кои пострадале за својот Жених.Сите овие пострадале за Господа Исуса Христа.Со нивната крв го засведочиле нивното приемство на жените мироносици, не плашејќи се од страшните маки, гонења и смрт. Оваа храброст, ние повозрасните, можеме да ја посведочиме и кај нашиот народ. За време на едноумието, нашите цркви и манастири беа исполнети само од жени, додека, пак, мажите, од најразлични причини, во поголем дел беа отсутни од црквите. Нашите баби, мајки и тетки беа похрабри во зачувувањето на верата, обичаите и православните традиции.Тајно ги носеа своите внуци да ги крстат, на молитва и на други свети тајни. Благодарение на нив верата преживеа и ги надживеа сите гонители, како кај нашиот народ така и кај останатите православни народи.Ви посакувам благословен ден.Имајте благословени кумства и благослов по молитвите на св.Екатерина.Нека храброста на св.вмч Екатерина постојано пребива во нашите мисли, посебно во овие празнични денови, и таа храброст постојано нека ја јакне нашата вера, за да можеме да издржуваме во сите искушенија и несреќи кои навалуваат на нас. Храброста на света Екатерина нека ни биде вечна лекција дека немаме ништо поскапоцено и повредно од името на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.Амин.