Cвети великомаченик, Чудотворец и победоносец Георгиј
На 06.05.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот великомаченик, Чудотворец и победоносец Георгиј во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Дебреше-Гостиварско беше отслужена Света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Истиот ден Митрополитот г. Јосиф изврши Мало осветување на храмот посветен на денешниот светител св. вмч. Геогиј во с. Железна река-Гостиварско. Митрополитот г. Јосиф, посочувајќи им на верниците и жителите за важноста и особеноста на изградбата на храмови, им се обрати со кратка беседа, во која помеѓу другото истакна: Денес браќа и сестри го осветивме овој храм која што е посветен на св. вмч. Георгиј Победонодец. Нема поголема радост од тоа да се посвети храм на Бога во кој ќе дојдат верните да се молат и да се принесуваат бескрвни жртви во него. Затоа нашата Света Црква, знаејќи дека Христос нашиот Бог е со нас до крајот на светот и векот, но најприсутен е во храмот Божји каде што се собираме ние според зборовите Христови. Храмовите ги градиме за да се собираме во нив на заедничка молитва, а молитвите се од Бога дадени и ние се соединуваме со Бога преку молитвите. Кога се молиме дома или на друго место, тоа се наши лични молитви и тие се добри, но не се најсилни; вистинската силна или најсилна молитва е во светиот храм кој е осветен, како што и овој храм го осветивме денес овде во вашево прекрасно живописно село Железна река. Храмот е тивко пристаниште за душата и засолниште од бурата на животот. Кога бурата ќе го зафати бродот на отворено море, тогаш бродот брза кон тивкото пристаниште. Кога нѐ прогонува непријател, ние веднаш се засолнуваме. Колку пријатно чувство го обзема човекот, кога ќе успее да се засолни на сигурно и безопасно место! Токму домот Божји (црквата) е такво тивко пристаниште и тивко засолниште во бурниот живот, но и сигурна заштита од злобните демонски напади.
Храмот не е само Божји дом, туку и наш дом. Оние кои веруваат се собираат во храмот, како членови на едно семејство, како деца на Единиот и Ист Отец Небесен. Овде сите се чувствуваат како браќа. Сите најважни случувања на верните се сврзани токму со самиот храм. Тие овде се крстени, т.е духовно родени, па затоа храмот во духовна смисла претставува нивна родна куќа; тука тие се миропомазани и духовно израснати, тука го добиваат и благословот за својот брачен сојуз; тука тие преку светата Евхаристија доаѓаат до најживо општење со својот Спасител Господ Исус Христос; и најпосле, повторно тука, за последен пат, ќе бидат донесени како упокоени, за Мајката Црква да се помоли за нивното заминување од овој земен кон небесниот живот. Бог да го благослови ова дело. Од името на свештенството и верниот народ на Тетовско-гостиварската епархија, им благодарам на ктиторите на овој храм, што помогнаа и принесоа на Бога, во овој наш богоблагословен македонски простор ваква убавина.