Cветиот Наум Охридски
На 03.07.2022 г.- Кога го празнувавме споменот на светиот Наум Охридски, митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, во сослужение на протоерејот Жарко Мицковски,ерејот Велјанчо Огненовски и ѓаконот Славчо Горѓески, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Наум Охридски“, -Попова Шапка.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата беа благословени кумските лебови. Свое слово за денешниот празник изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото нагласи:
Собрани денес во оваа прекрасна манастирска црква овде на Шапка, посветена на денешниот славеник св.Наум Охридски за да го прославиме споменот на нашиот голем чудотворец и застапник пред Божјиот престол. Денес не можеме, а да не си спомнеме за големината на неговата личност, за неговиот подвиг, но и за неговата љубов и кон Бога и кон својот род. Го прославуваме оној кој многу добро го разбрал Евангелието. Оној кој својот овоземен пат го изодил според тоа Евангелие, спечалувајќи вечен и блажен живот. Токму Божјите угодници се наши огледала, наши примери и патеводители во нашиот живот.Денес кога со љубов го празнуваме споменот на свети Наум Охридскиот чудотворец, него го молиме да биде наш застапник пред Бога, и како вистински столб на верата да го води нашиот народ низ историските премрежја и искушенија, бидејќи само со Бога можеме да одолееме на сите искушенија кој ни ги носи утрешниот ден. Наоѓајќи се во периодот на петровите пости, да го смириме телото, па така подготвени да го дочекаме нивниот крај, а во нас да се всели Единосуштната Троица.