Cветиот Николај Мирликиски Чудотворец
На 19.12.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на великиот равнител за верата и правилото на кротоста, светиот Николај Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола"-Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски,протоереј Дарко Наумовски и ѓакон Славчо Ѓорѓески.Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г.Јосиф се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денешниот светител, светиот Никола Мирликијскиот Чудотворец, нè поучува со својот живот на кротост, воздржливост и на правило на верата. Нè поучува на добродетели кои се спротивни на гордоста, која, пак, била погубна за нашите прародители. Во Св. писмо се вели дека гордоста е мајка на сите зла. Додека, пак, смирението, покорноста и послушноста, се благодети и Божји дарови. Благодети кои ја победуваат гордоста и сите останати зла и пакости, кои го оддалечуваат човекот од Бога го водат кон застранувања, и како крајна цел го имаат погубувањето на човековата душа.
Св. Никола живеел праведен, побожен и благочестив живот правејќи мноштво добри дела. Затоа, пак, Бог го обдарил и благоизволил, преку него да ја манифестира Својата сила, односно благодатта – енергијата, која им помага на луѓето што со вера и молитва Му се обраќаат.
Денес се чуствувам повикан и морам да кажам, инспириран од денешниот празник –дека во овие тешки животни премрежја би било добро да се потрудиме колку што можеме повеќе да се поучуваме од животот и од делата на светиот Никола и да го подржаваме и следиме неговиот пример. Но како да го подржаваме и следиме неговиот пример? – Преку правење добри дела и милостиња. Нажалост денес како да забораваме да правиме добри дела, особено забораваме да дадеме милостиња. Времето во кое живееме е време на владеење на егоизмот и среброљубието во невидени досега размери. Лакомоста по светските богатства, скржавоста се пороци за секоја осуда. Не треба да забораваме дека нашето спасение е во добрите дела! Затоа треба да ги цениме добрите дела и милостињата и да се бориме против многуте пороци, кои не одалечуваат и од Бога и од луѓето, како што се: лакомоста, себичноста, скржавоста, похотта и страста кон матријални добра и светска слава. Да не бидеме како неразумниот богат човек од евангелието, туку да знаете и во вашата свест да се вреже дека богатството се дава не поради спокојство во земниот живот, туку пред сè за правење добри дела, за на душата да и се обезбеди вечен живот.Да се обратиме со искрена молитва кон св. Никола тој да биде наш молитвеник, да ја зацврстиме нашата вера во Бога, да одиме по вистинскиот пат, да правиме добри дела и да спечалиме вечен и блажен живот.Амин.