Десетта недела по педесетница
13.08.2023 Во десеттата недела по педесетница во храмот св.Кирил и Методиј-Тетово,митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во сослужение на протопрезвитер-ставрофор Мирко Станкоски, протопрезвитер Предраг Исаески и презвитер Илија Сламков. Верниот народ се причести со светите тајни. Во својата беседа митрополитот г.Јосиф нагласи: Денешниот евангелски настан од прочитаното свето евангелие ,во нас треба да ги поттикне закоравените духовни сили кон преродба, со цел да се вразумиме и да почнеме да живееме онака, како што постојано и секојдневно се молиме: „Да биде, Боже, волјата Твоја“. Верата мора секогаш да се зајакнува и продлабочува преку молитва и пост, така што таа не останува само интелектуално убедување, туку станува жива врска на човекот со Бога.Нема ништо повредно во човечкот живот од молитвата. Таа и неможното го прави можно, тешкото-лесно, непријатното-пријатно. Таа и е толку потребна на човечката душа колку што му е потребен воздухот на дишењето. Оној кој не се моли, се оддалечува од Бога и станува сличен на суво и неплодно дрво кое се сече и во оган се фрла.Да се молиме не само кога чувствуваме расположение за молитва, туку и кога мрзеливоста, сонот, заборавеноста и се друго не оддалечуваат од неа. Да се молиме и кога сме радосни и кога сме во жал, кога сме здрави и кога сме болни, во немаштија и во изобилсвто, кога сме силни и кога сме немоќни, кога примаме и кога даваме. Во таква молитва ѓаволот со голема сила и искушенија ги напаѓа оние кои се молат создавајќи им страв и несигурност. Но тогаш и Божјата благодат се умножува поради духовна помош. Затоа Свети Апостол Павле ќе рече: „Силата Твоја (Боже) во немоќта моја (се покажува)“, како и тоа дека „Господ нема да допушти поголеми искушенија од оние што можеме да ги поднесеме“.