Дваесет и првата седмица по Педесетница
06.11.2022 На дваесет и првата седмица по Педесетница во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово,митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литиргија.Верниот народ се причести со светите тајни.Проповод за денешното прочитано евангелие изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото истакна:Параболата за сејачот и семето од денешното светото Евангелие е вистински и најубав бисер. Кога би се обиделе со било каква литературна творба да го искажеме методот на човековото воспитување и духовен развој, тоа не би го искажале толку добро како со оваа парабола за сејачот и семето, бидејќи целокупниот духовен, воспитен, научен и воопшто културен развој на човештвото оди по тој пат – патот на сејачот и семето и нивите, а тоа се човековите срца и човековите души.Господ Исус Христос е величенствениот божествен Сејач на семето, кое раѓа живот зашто „Неговите зборови се дух и живот“. Неговиот збор најмногу одговара на сите потреби на човечката душа, срце и волја. Во Неговите зборови човекот го достигнува своето високо назначување, афирмацијата на својата личност, која ја збогатува со вечни вредности. Неговиот збор ги решава сите прашања од човечкото незнаење. Христовите зборови фрлени како семе врз почвата на човечката душа траат низ сите времиња. Колку и да се менувале условите на животот, колку и да напредувале науката и техниката сепак Христовите зборови нема да престанат да бидат патоказ за човекот.