Дваесет и првата седмица по Педесетница
На 29.10.2023 во Дваесет и првата седмица по Педесетница во Соборниот храм ,,Свети Кирил и Методиј" во Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литиргија во сослужение на: протоереј-ставрофор Мирко Станковски,протоереј Предраг Исаевски, протоереј Жарко Мицковски, ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски. Верниот народ се причести со Светите тајни. Во својата беседа по прочитаното евангелие митрополитот г. Јосиф меѓу другото истакна: ,,Самиот Господ Исус Христос за поука на луѓето честопати користел приказни од природата и настаните од овој свет. Христовите зборови, фрлени како семе врз почвата на човечката душа, траат низ сите времиња. Колку и да се менувале условите на животот, колку и да напредувале науката и техниката, сепак, Христовите зборови нема да престанат да бидат патоказ за човекот. Денешното евангелие ја објавува познатата Христова приказна за сејачот. Во неа се зборува за еден навидум многу обичен настан, но таа во својата внатрешна суштина ги открива и Самиот Господ Исус Христос, и човечките души и евангелската наука, и патот на спасението на душите на луѓето. Целата оваа приказна е јасна и вистинита дури и кога се гледа во неа само опис на еден обичен настан. Со векови луѓето ги гледаа обичните настани, слични на оние од приказните за сејачот и семето, пченицата и каколот, за талантите, за блудниот син, за неправедните лозари. Никој од луѓето не помислил дека под лисјето од тие настани се крие толку хранлива поука за духот човечки, се додека самиот Господ не ги раскажа и не го протолкува нивното суштинско значење. Параболата за сејачот и семето од денешното светото Евангелие е вистински и најубав бисер. Кога би се обиделе со било каква литературна творба да го искажеме методот на човековото воспитување и духовен развој, тоа не би го искажале толку добро како со оваа парабола за сејачот и семето, бидејќи целокупниот духовен, воспитен, научен и воопшто културен развој на човештвото оди по тој пат – патот на сејачот и семето и нивите, а тоа се човековите срца и човековите души. Господ Исус Христос е величенствениот божествен Сејач на семето, кое раѓа живот зашто „Неговите зборови се дух и живот“.