Дваесет и трета недела по Педесетница
На 20.11.2022 година, во Дваесет и трета недела по Педесетница, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Света Златоустова Литургија во Лешочкиот манастир во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски,ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски.На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓудругото нагласи:Со денешниов случај од прочитаното евангелие Господ сака да ни каже дека една душа човечка е поскапа од сиот материјален свет. Тоа го кажува и со збор, кога на едно место во Светото Евангелие вели: каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? (Матеј 16,26) Во Божјите очи човекот е бесценет, бидејќи по Неговата благодат, тој одовде заминува во вечноста. Човечкиот живот не се содржи само од пребивање на земјата. Впрочем, незначителен е делот од неговото постоење кое се одвива тука, спореден со вечното суштествување што започнува по преминот кон Небото. Затоа Господ со денешното евангелско четиво, ни дава поука и пример повеќе да го цениме ближниот отколку себичната заработка и нашиот комфор.Да не заборавиме брака и сестри постојано спомнувајте си што ни кажал Господ:
"Се што ќе им направите на луѓето, на Мене сте ми го направиле".
Запишете ги овие зборови со златни букви во срцето, запишете ги и на лист, закачете го листот до вашите икони и читајте го секој ден. И да завршам со зборовите на Старец Пајсиј кој вели: можеш да запалиш килограм темјан кога се молиш, но ако твојот ум е полн со зли мисли против ближните - тоа нема ништо да ти помогне.