Eдинаесета недела по педесетница
20.08.2023 Во единаесетата недела по педесетница во храмот пресвета Богородица-Тетово, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Томислав Јосифовски, протоереј-ставрофор Мирко Станковски и ереј Велјанчо Огненовски богослужеше света литургија. На светата литургија верниот народ се причести со светите тајни. Во својата беседа митроплитот г. Јосиф истакна: Еве, се наоѓаме во период на Богородичниот пост и ни се дава време да се разбудиме од гревот, немирот и заборавот на Бога и повторно да тргнеме во пресрет на Господа и Неговата родителска прегратка на помилување. Во едно можеме секогаш да бидеме сигурни браќа и сестри, дека Бог безмерно ни простува и нè љуби. Гледајте колку Господ го љуби светот! Сè што гледаме околу нас опстојува по Неговата неизмерна милост. Ете, и кога ќе го погледнеме човештвото и светот во глобала, ние најпрвин се згрозуваме од егоизмот во луѓето, од ужасните гревови, од стравотните војни едни кон други, но и крајно се изненадуваме од Божјата безмерна милост и долготрпение. И можеме лесно да сфатиме дека да се простува е Божествена, а не човечка особина. Единствен начин да имаме заедница со Бога е проштевањето. Прво, проштевањето Божјо на нашите гревови, а потоа, проштевањето наше на гревовите на другите. Да размислуваме колку ние, како Христијани, се украсуваме во нашиот живот со тие Божествени особини на љубов, простување, сочувствителност, сострадалност. Оти само тогаш, само ако сме украсени со тие особини, нашиот пост ќе биде вистински, богоугоден пост.