Источен Петок – Балаклија
На 10.05.2024 година, Источен Петок – Балаклија, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, служеше Света Златоустова литургија во храмот „Св. Петка“ – Гостивар, во сослужение со свештеници од Тетовско-гостиварската епархија. На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата во дворот на храмот беше извршен водосвет. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон присутните верници со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Во овој мајски ден, во првиот петок по Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос кога сеуште сме во радоста на светлото Воскресение, поздравувајќи се со најрадосниот поздрав: Христос воскресе! - дојдовме во овој храм посветен на св. Петка овде во Гостивар, свечено да го прославиме празникот Источен петок – Балаклија, да се потсетиме за возобновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Балаклија, кај некогашниот Константинопол, денешен Истанбул. Дојдовме да и одадеме чест на Мајката Христова, Која на светот до ден денес му излева голема милост, изобилна за сите оние што имаат потреба. Навистина богата и неисцрпна е неизмерната милост на Пресветата, а тоа го сведочи и денешниот празник, тоа го потврдуваат многуте чуда, кои до ден денес се случуваат во нејзиниот „Храм на Живоносниот Источник“, во кој сеуште постои благодатниот извор, чија што вода, по благословот на Пречистата е животворна, благодатна и исцелителна од тешки болести. Денешниот празничен ден е посветен на прославувањето на Пресвета Богородица, која во денешните богослужби, заради чудата што се случувале на изворот кој се наоѓал покрај храмот „Животоносен источник“ е наречена и Животоносен Источник. Тој храм бил изграден во петтиот век по залагањето на царот Лав Велики. Во пасхалната радост обвиени, да ја прославиме Мајката на вистинската Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светот (сп. Јован 1,8-9) и да И речеме: Радувај се, Живоносен извору, кој разлеваш чудеса со излевање на благодатта! Втор Силоаме, кој испушташ преславна вода како од камен и го имаш дејството Јорданово! Да прибегнуваме постојано во молитви пред Неа, сите ние кои сме изморени и обременети (сп. Матеј 11,28) и да се поучиме од Богомајката. Да бидеме послушни, смирени и трпеливи, да веруваме и да се молиме, бидејќи молитвата придружена со вера е силна и може да не ослободи од маките, од болестите, од страданијата. Да ги посетуваме болните, да им помагаме на оние кои страдаат и на оние кои им е потребна нашата помош. Ако немаме „сребро и злато“ (сп. Дела 3,5) како што слушнавме од денешното апостолско четиво - сите ние имаме можност да кажеме добар збор, бидејќи некогаш на човека и ништо друго не му е потребно, освен благата вест, освен името на вечниот Утешител, Воскреснатиот Господ Исус Христос, Кој нè успокојува по молитвите на Неговата Мајка, Која постојано нè дарува со облагодатена вода од храмовиот извор. Затоа да не бидеме тажни и жалосни, туку со радост да ја засилиме верата во Воскресението и тоа на дело да го покажуваме, редовно присуствувајќи во храмот Божји, каде постојано пребива Божјата благодат и да се напојуваме од неа преку сите дни од нашиот живот, бидејќи сите ние со Божјата благодат сме тоа што сме (сп. 1 Кор. 15,10).
Воскреснатиот Бог наш, по молитвите на Својата Пречиста Мајка – Богородица да нè помилува и спаси! За многу години! Христос Воскресе. Имајте благословен и радосен ден.