Традиционално и оваа година коњаницата од Гостивар по петнаесети пат тргна кон Крушево

26.07.2024 Традиционално и оваа година коњаницата од Гостивар утрово по петнаесети пат тргна кон Крушево во чест на големиот национален и државен празник Илинден. Утрово по литургијата во соборниот храм ,,Пресвета Богородица“-Гостивар, група млади родољубиви луѓе облечени во комитски носии зедоа молитвено учество во чинот на благословување на нивниот марш. Чинот го изврши и благослови Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештенсвото од Гостиварското намесништво, кои се помолија со молитва за добробит на Татковината и за успешен пат, беа благословени во нивниот подвиг, полн со љубов кон Бога и кон Татковината- Македонија, како и со светло сеќавање за нашите пожртвувани, богољубиви предци. Благословувајќи го нивниот пат кон славното Крушево, Митрополитот г. Јосиф им се обрати на коњаниците со следниве зборови: Почитувани и родољубиви Гостиварци, ми претставува чест и радост што денес сум овде во Гостивар, градот на гостољубието. Нека ви е честито и од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието остане засекогаш силно врежан во нашите срца. Секогаш добро да се сеќаваме на сето она што го направиле нашите богољубиви предци за слобода на нашата Татковина Македонија, а вредностите што со многу труд тие ги постигнале, положувајќи ги дури и своите животи за ближните, верно да ги чуваме и да ги пренесеме на нашите идни поколенија. Да сте благословени и нека св. Арх. Гаврил чиј ден го прославуваме денес ве води и заштитува по патот до славното Крушево. Амин!