Литургијата на претходноосветените дарови во соборниот храм св.Климент Охридски - Скопје
На 30.3.2022 г., среда од Крстопоклоната седмица, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан присуствуваше на Литургија на претходноосветените Дарови, во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. На Литургијата, во присуство и на Нивните Високопреосвештенства: Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалчнички г. Иларион, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
По Литургијата беа осветени вештествата со кои во Страсната седмица, нашата Македонска Православна Црква ќе вари и освети свето миро, како и садот во кој мирото ќе биде варено. Осветувањето го изврши Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а во присуство на речиси сите Архијереи на нашата Црква: Петар, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, Тимотеј, Митрополит Дебарско-кичевски, Агатангел, Митрополит Повардарски, Пимен, Митрополит Европски, Иларион, Митрополит Брегалнички, Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски, Григориј, Митрополит Кумановско-осоговски, Јосиф, поранешен Митрополит Кумановско-осоговски, Климент, Епископ Хераклејски и Јаков, епископ Тивериополски.
Инаку, светото миро – особено ароматично масло, коешто се употребува во некои од богослужбените чинови, а пред сè за светата тајна Миропомазание, како и за осветување на храмови и антиминси – последен пат од нашата помесна Црква е варено во далечната 1996 г. Затоа, годинава, со цел обновување на резервите со миро, повторно ќе се изврши тој радосен свет обред. Самиот обред на мироварение ќе започне на Велики понеделник. Мирото ќе се вари три дена, односно се до Велика среда, за, конечно, на Свет и Велик четврток Архиепископот, во сослужение со останатите Архијереи на Македонската Православна Црква, да го освети мирото на Божествената Василиева Литургија.
Превземено од : http://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/prethodnosveteni-darovi-liturgija-2022/