Мало осветување и полагање на свет антимис, на новиот олтар во новата црква посветена на св. Никола - с. Сушица - Гостиварско
19.05.2024 Неделата на жените мироносици, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“- Гостивар, беше отслужена Света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Трпе Богојески и ѓакон Славче Ѓорѓески. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Истиот ден митрополитот г. Јосиф изврши Мало осветување и полагање на свет антимис, на новиот олтар во новата црква посветена на св. Никола-с. Сушица-Гостиварско. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, на која меѓу другото нагласи: Оваа недела, светата Црква ја посветува на жените мироносици. Во оваа недела токму на голема радост извршивме мало осветување на овој храм кој вие со голема љубов и труд го изградивте. Но да појасниме кои биле жените мироносици? Тие биле со Господа и во Галилеја, и Го придружувале секогаш кога одел во Ерусалим на Пасха, изложувајќи се себеси на разни опасности. Бивајќи секогаш покрај Него, Му служеле со својата љубов и со својот труд. Му останале верни на Господа Христа и во најтешкиот момент од Неговиот земен живот, во моментот на Неговото страдање, кога и најблиските Негови ученици Го напуштиле. Тогаш, жените мироносици не се плашеле, туку останале заедно со св. Богородица под Крстот. Раководени од верата и од љубовта, надминале секаков страв. Никаква сила не можела да ги одвои од Оној Кој висел на Крстот. Не случајно прво ним им се јавува Воскреснатиот Христос, а не на апостолите. Токму ним им се соопштува најрадосната вест за Воскресението на Спасителот. Тие биле први сведоци на Христовото Воскресение. Ја користам оваа прилика, на црковниот одбор, како и на сите донатори, помагачи и приложници, да им искажам искрена благодарност за вложениот труд и средства во изградбата на овој свет храм. Светиот храм, пак, нека биде место за молитва, место за миење на нашите души и срца од секакви нечистотии, за да можеме измиени и очистени да се соединиме со Христа и да спечалиме вечен и блажен живот. Драги браќа и сестри, не е доволно што го изградивте и украсивте овој свет храм, како надворешно така и внатрешно, кој заслужува секаква пофалба, пред се на иницијативниот црковен одбор, а и на сите вас што помогнавте да се изгради од темел и да се украси како што доликува на еден вистински храм. Потребно е да градиме жив храм во нашите срца, во нашите души, и да го сведочиме на секое место нашето вистинско православно исповедание, кое треба да биде пропратено и со добри дела. Дај Боже што повеќе вакви храмови, но и повеќе духовни храмови да се градат во душите и срцата на луѓето низ нашата епархија. Амин! Христос Воскресе и радост ни донесе.