Мало повечерие со Првата статија од Акатистот на Пресвета Богородица
На 03.03.2023 година, во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово во вечерните часови, беше отслужено Мало повечерие со Првата статија од Акатистот на Пресвета Богородица, на кое чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештенството од епархијата. Говорејки за значењето на акатистот митрополитот г. Јосиф нагласи: Црквата отсекогаш ја воспевала Божјата Мајка со најпрекрасни химни, како знак на благодарност на нејзиното застапништво пред Бога за нас, како и за нејзината неизмерна љубов кон родот човечки. Таа е Лествицата по која ние земните постојано се искачуваме кон небото. Акатистот се чита во повеќе прилики, а не само во постот. Зборот „Акатист“, доаѓа од грчкиот збор „Аκάθισο“ што значи неседење, односно оваа служба која се служи, се служи со посебно внимание и со постојано стоење на нозе, оддавајќи и чест на Пресвета Богородица. Светогорското предание вели дека Пресвета Богородица им се јавила на повеќе светогорци и им објавила дека, оние кои секој ден ќе го читаат нејзиниот акатист, таа нема да ги остави сами ниту во овој живот, ниту на судот, туку Самата Таа ќе ги закрилува и нема да дозволи да бидат осудени. Затоа, браќа и сестри, да ги упатиме повторно нашите погледи кон Пресвета Богородица и повторно да ја помолиме- Таа да биде наша Лествица небесна и да ни биде Мајка, Која ќе биде наша утеха и патеводителка не само во дните на овој пост, туку и преку целиот наш живот. Да продолжиме и во нашите домови да практикуваме да го читаме акатистот на Пречистата Дева и воскликнувајќи и „Радувај се, Невесто Неневесна!“ и ние да се радуваме, оти Бог ни ја дал Својата Мајка да ни биде пример, закрила и помош на патот кон спасението, сега и секогаш и во сите векови. Амин!