Месопусната недела
На 10.03.2024 година, во Месопусната недела, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј Ѓорѓи Сламков, протоереј Жарко Мицкоски, ереј Илија Сламков и ереј Стефан Гавроски од Сремската Епархија при СПЦ. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Како што слушнавте од читањето, оваа недела вниманието на Црквата е свртено кон Евангелието за Судот Божји (Мт. 25, 31-46). Месопустната недела е посветена на сеќавањето на сеопштиот последен и Страшен суд на живите и мртвите (Матеј 25, 31-46). Ова сеќавање е неопходно, за луѓето кои грешат да не се предадат на безгрижност и мрзеливост за своето спасение во надежта на неизреченото милосрдие Божјо. Браќа и сестри, кога влеговте во храмот од левата страна забележавте една многу впечатлива сцена, на која фрескописецот мошне вешто ги преточил во слика Христовите зборови кои ги слушнавме во денешното Евангелско четиво. Всушност, на таа фреска е претставен Страшниот Суд каде што Господ Исус Христос најпрво гледа надесно и им се обраќа на оние кои се од таа страна: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34), а другата фигура на Спасителот е свртена кон оние кои стојат од левата страна и го слушаат страшниот приговор: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (Матеј 25, 41). На првата фигура од Христовото лице излегува светлина и љубов, а Неговите две раце се испружени напред, како да сака да ги прегрне оние кои живееле според Неговите заповеди, а на втората фигура Христовиот лик е строг и од Неговите очи не излегува светлина.
Гледајќи ја оваа фреска, веднаш треба да се потсетиме на зборовите од апостолот Јован кога безусловно и едноставно тврди дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4, 8). Потврда на ова е и фактот што „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Да се удостоиме и ние да го слушнеме најблагиот Христов глас: ,,Елате, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25, 34-36). Да го украсиме нашиот пост со вакви богоугодни дела, па со радост да излеземе пред Лицето на Воскреснатиот наш Спасител, Господ и Бог Исус Христос. Само така ќе не препознае како Свои верни чеда и пријатели и ќе влеземе во вечната радост на невечерниот ден. Се подготвуваме за влез во Светата и Велика Четириесетница. Да го зголемиме нашиот подвиг уште повеќе, да го возљубиме човекот и Бога. Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е заштитничка на нас грешните и недостојните, на Светите Ангели и на Св. Кирил Лешочки чии мошти се во овој манастир, Господ да ни даде сили да поживееме достојно и чесно, за да се најдеме од десната страна на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Амин!