Недела на богатиот Закхеј
18.02.2024 Недела на богатиот Закхеј. Неговото високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во Соборниот храм св. Кирил и Методиј - Тетово, богослужеше света литургија во сослужение на: протоереј Жарко Мицковски, ереј Илија Сламков и ѓакон Славче Ѓоргески. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денешната недела е прва недела која нè потсетува на приближувањето на Великиот Пост. Восхитувачки навистина како Светите Отци на нашата Света Црква направиле и создале еден таков прекрасен богослужбен ред и распоред на читање на евангелските четива преку целата календарска година. Денешниот неделен ден во црковниот календар се нарекува Недела која е посветена на богатиот Закхеј. И не случајно денес ние ќе се потсетиме и на настанот кој се случил во Христово време. Да се поучиме од денешното прочитано св. Евангелие за Закхеј, и ние да отфрлиме од нашите срца и души секакви лоши мисли и постапки. Закхеј, како што ни сведочи Евангелието, бил богат човек за тогашните прилики, началник на митарите, а митарите, пак, во тоа време биле намразени и презрени од сите евреи. Ако некој бил митар, тоа значи дека таквиот бил угнетувач и мачител на сопствениот народ, зашто тие собирале данок за римската држава, која била окупатор за евреите. Освен тоа, тие честопати ја злоупотребувале својата положба, зашто понекогаш знаеле да соберат и многу поголеми суми од утврдените, а се служеле и со сурови и жестоки средства за да дојдат до својата цел. Во очите на намачениот народ, тие биле шпиони и измеќари во корист на крволочните римјани. Народот кој Го следел Христа, заслепен и духовно и телесно, од омраза и пакост кон сè што не мисли и не работи според нивните критериуми и разбирања, настапува со осудување и кон Господа Христа, а уште повеќе кон Закхеј, давајќи му епитет на осуда како грешен човек. Но, Господ Христос не обрнува внимание на јавното мислење и знае дека е необјективно и неисправно, и оди во домот на овој човек и му вели: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов" (Лк. 19, 9). Љубовта што ја покажува Господ Христос кон овој цариник толку многу ќе го погоди Закхеј, што тој јавно ќе се исповеда и дека е подготвен да Го прими Христа, а не само да Го нагости. „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам" (Лк. 19, 8).
Преку овој настан, нашиот Спасител Господ Исус Христос сакал да ги поучи Јудеите дека Он навистина е пратеник Божји, односно Син Божји. Он најпрво доаѓа да го избави и спаси Избраниот, Еврејскиот народ, но, не доаѓа само за нив, туку доаѓа за севкупниот човечки род. Како што тогаш ја испратил пораката до Еврејскиот народ, така, ни испраќа и нам порака, да не се залажуваме со тоа што сме крстени и со тоа што потекнуваме од еден православен род дека ќе бидеме спасени и по автоматизам ќе влеземе во царството Божјо. Нашето потекло и нашата прадедовска вера неспорно ни помагаат полесно да ја воспримиме верата, учењето и традициите во коишто сме одгледувани и негувани. Но, тоа не е доволно. Потребен е и наш влог, и делување како вистински христијани. Христијани кои го исповедаме Господа Христа не само со збор, туку со севкупниот наш живот, со вера, постапки и дела. Сите ние овде присутни на оваа литургија денес во овој храм во Тетово, да се запрашаме себе си дали и ние постапуваме слично на Спасителот Христос во нашето однесување кон ближните, без разлика дали знаеме за нив дали се грешни или не? Дали умееме да употребиме милост кон нив за да ги омекнеме нивните срца и да ги приближиме кон вечниот живот. Денешното прочитано евангелие за Закхеј нека ни биде поучителен пример. Амин.