Недела на светите отци

31.12.2023 Во манастирот Св Наум Охридски-Попова Шапка, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше света литургија во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Жарко Мицковски, протоереј Трпе Богојески, ереј Вељанчо Огненовски и ѓакон Славче Ѓорѓески. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со беседа на која меѓу другото истакна: Колку за нас, христијаните  што се удостоивме да носиме толку свето и чесно име, е важна и пресудна во нашето постоење љубовта, говори Господ
Христос: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како што Јас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов меѓу себе (Јн. 13, 34-35). И ангелската химна по повод Неговото Рождество покажува дека Он слегол од небесата за да ни донесе мир: слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја (Лк. 2,14). Кога го изврши Домосторојот на спасението, Он на Своите ученици им вели: мирот ви го оставам, мирот Свој ви го давам...мир имајте помеѓу себе (Јн. 14,27 и Мк. 9,50), и: по тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јн. 13,35). Последната молитва која ни ја предал одејќи при Својот Отец ја утврдува таа взаемна љубов: да бидат сите едно.
Значи единството во Црквата Христова не е покажување добра волја кон другите, туку тоа е исполнување на заповедта и волјата Божја. Светата Црква тоа и го прави од најстари времиња, секојдневно, во сите богослужби, молејќи се за мир во целиот свет, за благосостојба на Божјите Цркви и за соединување на сите (Трета прозба од Мирната ектенија). Мирот што Спасителот Христос му го даде на овој свет, треба да е во нас, во нашите срца. А тој мир, пред сѐ, е мир со Бога и мир со ближните. Впрочем, Самиот наш Бог е мир, и таков мир треба да имаме меѓу сите Цркви, советува свети апостол Павле (сп. I Кор. 14, 33). А, да правиме да го придобиеме тој мир, значи да се трудиме Бог да се всели во нашите срца, како што запишал свети апостол Јован Богослов. Преку молитвата, пак, се доживува вистинското единство, и само преку молитвеното единство можат да се надминат сите пречки и недоразбирања. Молитвата ја облагородува љубовта кон другите, таа зближува и ги зајакнува духовните врски меѓу луѓето и народите. Нека милостивиот Христос, по молитвите на Својата преблагословена Мајка и Владичица наша Богородица и св. Наум охридскиот чудотворец во кој манастир денеска ја богослужевме светата литургија ни подари мир и благодат. Ќе завршам со зборовите: Ти благодариме, Господи, што си благоволил да ја примиш оваа служба, Евхаристијата, принесувана на Света Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, и која ги исполнува нашите срца со радост, мир и праведност во Светиот Дух (1 Рим. 14,17). Амин.