Недела на светите праотци
На 29.12.2024 година, Недела на светите праотци, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Светата Црква, според нејзиното боговдахновено душеводство, во оваа втора недела пред Рождеството Христово, тоа големо торжество, го поставила споменот на Светите Праотци. Всушност, во оваа како и во наредната недела, ние литургиски си спомнуваме за сите старозаветни праведници што го очекувале доаѓањето на Спасителот во светот, почнувајќи од првосоздадениот Адам, па сè до Св. Јован Крстител. Тука се вбројуваат, секако, и прародителите Христови, односно оние луѓе од чијшто род произлегла и Пресветата Богородица, од Која, пак, Божјото Слово зеде тело во последните времиња. Браќа и сестри, да се молиме повеќе бидејќи се наоѓаме сеуште во период на Божиќниот пост. Да внимаваме да не осудувaме, бидејќи оние кои сакаат да осудуваат, Бог строго ќе ги казни, оти прават нешто што дури ни Тој не го правел кога дошол на земјата за да го спаси човекот. Кога фарисеите Му донесоа една грешна жена којашто била фатена „во прељуба“ и според Законот требало да биде каменувана, Христос ги избрка нејзините тужители велејќи им: „Кој е без грев, нека го фрли првиот камен“, а на жената ѝ рече: „Оди, и не греши повеќе, ни јас не те осудувам“. Тој, како безгрешен Бог, имајќи го сето право да ја осуди и прекори – не ја осуди, а ние, кои во грев живееме и дела полоши од оние на другите правиме, подготвени сме за ситници да ги осудиме (другите). По сето ова, да размислиме во какво и положение и функција да се наоѓаме, ако имаме лоша навика да ги осудуваме ближните, брзо да ја искорениме. Ако сакаш да имаш удел со Христа, избегнувај го осудувањето. Ако сакаш да имаш надеж на спасение и вечно блаженство пред сеправедниот Бог, научи себеси да се осудуваш, а никогаш другите. Ако денес некој од нас ја преиспита својата состојба и ако сфатил дека е далеку од својот христијански живот, тоа не е повод за очајание и духовен пад. Напротив, Бог е многумилостив и долготрпелив и секогаш го чека нашето обраќање. Денешните Христови зборови треба да бидат повод да започнеме еден нов и преобразен живот кој ќе нè научи како да се каеме и поправаме. Секогаш да знаеме дека нема човек кој живее на земјава и не греши, но да го знаеме и тоа дека страшна е состојбата ако грешникот не се кае за своите гревови. Секој има право да се нарече христијанин иако греши, но да не останува заглавен во својот грев, туку постојано да се труди да излезе од таа гревовна кал и духовно да напредува. Имајте лесен остаток од Божиќниот пост и радосни да го дочекаме Рождеството Христово.