Недела на Закхеј
06.02.2022 Недела на Закхеј, митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм пресвета Богородица - Гостивар. Верниот народ се причести со светите тајни. Со свое слово кон верниот народ се обрати митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото нагласи: Како православни христијани треба да знаеме дека причина на нашето спасение е Божјата љубов, која се пројавува кон нас. И ако сакаме да ги користиме плодовите од тоа спасение, ние треба да го пројавуваме истиот вид на љубов и сострадателност кон грешниците, онака, како што тоа го прави и нашиот Бог. Денес е убава можност и ние, како Закхеј, да одлучиме да го промениме начинот на досегашното живеење, па повеќе да не живееме само за себе, туку од она што го имаме да подадеме и на другите, кои имаат потреба од нашата помош; повеќе да не ги осудуваме грешниците, туку со љубов да ги придобиеме за Бога, како што Спасителот го придобил загубениот Закхеј, па од несреќен и беден грешник, го претворил во Свој следбеник.