Недела по Богојавление
26.01.2025 Недела по Богојавление, митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во Лешичкиот манастир.Верниот народ се причести со светите тајни.Со свое слово се обрати митрополитот г. Јосиф, кој меѓудругото нагласи:Денес го слушнавме евангелското четиво кое е одредено да се чита во Неделата по Богојавление.Слушнавте еден цитат за кој би сакал да обрнеме внимание."Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: "Покајте се, зашто се приближи царството небеско!" (Матеј 4,17) Со овие длабоки зборови започнала проповедта на воплотениот Син Божји кон паднатото човештво. Во овие кратки, едноставни и јасни зборови се состои суштината на целото Евангелие. Зборот покајание (на грчки: метании) означува изменување на умот, промена на лошото и погрешно мислење, т.е. обновување или повторно богоугодување. Христовата проповед повикува да го измениме злобниот начин на мислење и гревовниот начин на живеење, да се откажеме од гревовните дела и помисли. Синоним на покајанието во Светото писмо е зборот "обраќање". Обратете се од својот зол пат и исправете ги вашите патишата и вашите постапки" вели светиот Пророк Јеремија (18,11). Покајанието не е само жалење за гревовното минато, тоа повеќе е нов став на човекот кон самиот себе, кон другите и кон Бога. Тоа е суд на сопствената душа пред страшниот суд. "Покајанието е скала што сe издигнува дотаму, од каде сме паднале" ни вели свети Ефрем Сирин.Покајанието значи цврста решеност, нашиот живот да си го смениме на добро.Зошто за да се наследи Царството Божјо е неопходно искрено покајание? Затоа што Царството Божјо е местото, каде престојува Бог, каде нема зло, тага неправда и морални падови. Ние, од нашиот секојдневен живот, знаеме дека кога ќе се помеша светлината со темнината, настанува самрак. А тоа не е светлина, туку полутемнина. Така е таму каде што господари гревот и злото. Таму не може да биде во целост ниту Божјата правда, ниту, пак, Царството Божјо.Покајанието е голем дар од Бога за човекот. Покајанието го извлекува човекот од бездната на гревопадот и го воведува во вечното Небесно Царство. Да го примиме дарот на покајанието што ни го нуди Бог и преку нашето покајание да го издејствуваме нашето спасение.Амин.