Недела пред Рождество Христово

Недела пред Рождество Христово, на светите отци, св. Мч.Бонифациј - Митрополитот Тетовско - гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм Пресвета Богородица - Гостивар. Верниот народ се причести со светите тајни. Во својата беседа митрополитот г. Јосиф нагласи: Денес молитвено и единодушно во овој храм сме собрани и нашата радост е полна, бидејќи е заедничка во домот на нашиот Отец небесен, во Божјата Црква, чиј аголен камен е Самиот наш Спасител. За да се биде вистински христијанин – треба постојано да се трудиме во подвизите да станеме подобри личности. Господ во Својата последна беседа, на учениците им заповедал да се љубат еден со друг. Да се пребива во љубовта, значи да се пребива во Бога. Љубовта е небесен оган кој Христос го донесе на земјата, тој оган мора да го преобрази човекот. Без огнот на љубовта, човековата душа останува студена како труп. Љубовта кон Бога се гледа и од љубовта кон ближните. „Ако некој рече: Го љубам Бога а го мрази својот брат, тој е лажливец зашто кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?” (1 Јн. 4, 20). Додека во Стариот Завет ближен бил само оној кој припаѓал на израелскиот народ, во Новиот нема граница, туку сите луѓе се наши ближни, бидејќи сите се деца Божји. Само љубовта кон Бога ни дава да го сакаме човекот, дури и кога е во грев. Секој христијанин е вистински само ако ги исполнува овие две заповеди: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето–овие две добродетели, односно христољубивоста и човекољубивоста. И ќе завршам со зборовите на старецот Доротеј кој ни сведочи дека, според мерката на развивањето на љубовта кон Бога, се развива и љубовта кон човекот. Едната љубов ја распламтува другата.