Неделата на блудниот син и на празникот на светите Три Светители

На 12. 02. 2023 година, во Неделата на блудниот син и на празникот на светите Три Светители: свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст, во Соборниот храм ,,Пресвета Богородица" - Гостивар, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски  г. Пимен во сослужение на надлежниот епархиски архереј Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Брегалнички г. Иларион. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна проповед на која заблагодари за денешното архерејско сослужување на нашите родољубиви архереи  во градот на гостопримството - Гостивар и  меѓудругото истакна: ,,Втората подготвителна седмица пред Велигденскиот пост, Црквата ја нарекува – Недела на блудниот син. Таа се нарекува така бидејќи на светата Литургија се чита Евангелското четиво за блудниот син. Историјата на блудниот син можеме да ја сретнеме, не само во светото Евангелие, туку и во секојдневниот живот, во одделни семејства, кај познаници, па и во нашите семејства. Во денешното евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, ја слушнавме параболата. Се растажуваме со таткото кој го изгубил синот, но и се жалостиме со синот кој се нашол во таква жална и тешка положба. Се жалостиме со оној кој блудно го потроши имотот на својот родител. Но, слушајќи ја оваа парабола, тагата преминува во радост, се радуваме со радоста на таткото кој доживеал враќање на блудниот син, како и со радоста на блудниот син, што нашол сила и храброст во себе, да се покае и да се врати кај својот татко. Во оваа парабола Господ Исус Христос ни го покажува гревовното однесување на секој еден од нас. Но, не само кон земниот родител, коешто само по себе се подразбира, туку, кон Небесниот Отец. Да се потрудиме и ние како блудниот син, да најдеме сили и храброст да побараме прошка за сите наши престапи и отстапки од вистинскиот пат и да ја доживееме љубовта на Небесниот Отец, а преку тоа да спечалиме вечен живот".