Неделата на преп. Марија Египетска
На 02.04.2023 година, во Неделата од петтата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Марија Египетска, во соборниот храм „Пресвета Богородица“ во Гостивар, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која што чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа говорејќи за оваа петта недела посветена на преп. Марија Египетска, Митрополитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Оваа недела од Велигденскиот пост светата Црква ја посветила на преподобна Марија Египетска. Во деновите на пост и покајание, споменот на оваа Божја угодничка се покажува посебно спасоносен и значаен за нас христијаните. Сите ние сме потопени во гревови. Така, многумина наоѓајќи се во грев, паѓаат во очајание и тешко им е да соберат сила за да се издигнат од тој валкан живот. Токму во оваа насока, поучно и утешително нам грешните може да ни послужи целокупниот живот на света Марија Египетска, кој е восхитувачки поради нејзините големи подвизи. Да размислиме за нашите гревови, но тие да не нѐ соблазнат и одведат во очај. Еве, пред нас имаме пример на голема грешница и на големото милосрдие Божјо кое сѐ простува. Да не допуштиме привлечноста кон гревот да нѐ поробува и да го намалува стремежот за поправање. Преподобна Марија Египетска била голема грешница, но со подвизите успеала да ги победи телесните задоволства и така се издигнала над пороците, уподобувајќи се по чистота на ангелите. Преку овој пример, нашата свeта Црква, нè повикува да го исползуваме овој временски период за покајание, пост и молитва. Да ги отсечеме сите наши слабости, страсти, гревови и престапи. Да ги засакаме правдата, милосрдието, љубовта и да правиме добри дела. Па така, и ние да се очистиме од сите наши престапи и достоинствено да се соединиме со Господа Бога.