Обрезанието на нашиот Спасител, Господ Исус Христос
На 14.01.2023 г., кога го празнувавме Обрезанието на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, светиот Василиј Велики,како и почетокот на Новата година, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф отслужи Света Божествена Василиева Литургија во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетиво.
После Божествената Литургијата, беше отслужен молебен за благослов на предстојната Нова Година, благодарејќи му на Бога за сите дарови, кои секојдневно ни ги дава.
Митрополитот г.Јосиф во својата беседа меѓудругото нагласи:
Денес, браќа и сестри, ние го славиме, исповедаме и величаме Троичниот Бог, благодарејќи Му за овој троен празник т.е. Неговото Обрезание по тело, празникот на Свети Василиј Велики, Архиепископот на Кесарија Кападокиска, на кого денес споменот му го празнуваме и чија Божествена Литургија ја служиме, како и прославувањето на Новата црковна година според нашиот древен јулиански календар.Новата година е дар Божји, дар на Неговата љубов и милосрдие. Господ ни ја дава новата година чиста и неизвалкана, а во нејзиниот тек, можно е сè да не снајде - и добро и лошо, и здравје и болест. Какво ќе биде времето што настапува, тоа го знае само Единиот Бог. Затоа ние сме должни да Му вознесеме благодарност за сите Негови доброчинства што ни ги дал во минатата година и да испросиме од Бога благослов за годината што настапува.Да измолиме од Семилостивиот Бог нашиот живот во оваа година да биде песна за Бога. Да направиме во нашиот живот името Божјо да е благословено, затоа што тоа е големо и светло во сите времиња и помеѓу сите народи. И доколку се надвисат над нас црни непријатни облаци, уште посилно да се доближиме кон Христа и од Него да бараме помош и заштита.Ете сега на прагот на Новата година да си дадеме на себе си задача – да бидеме пред сè добри! А за да се биде добар човек треба да почнеме квалитетно да го ползуваме времето, кое ни претстои и истото да го искористиме за наша лична надодградба, за наше личносно внатрешно согледување и спасение, за молитва и љубов за и кон другите, а не за лицемерие, судење, осудување и итн. Конечно во Новата година да почнеме „ новото вино“ да не го ставаме во „ стари мевови“ , туку во „ нови“ (сп. Марко 2,22), да кажеме не на старите навики, да ги обреземе старите лоши и гревовни навики и страсти и да почнеме повеќе да тежнееме по добродетелите, кои на крајот од времето, ќе не одведат во вечноста, каде што нема почеток и крај, во Царството Божјо, каде удостоени со светите ангели ќе Го воспеваме и сославуваме Троичниот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите! Амин.Ја користам оваа прилика на сите кои денес се сославеници на светиот Василиј да им го честитам именденот. Исто така на сите во Новото 2023 лето Господово Ви посакувам многу здравје и радости во животот и преуспевање во верата.