Одбележан споменот на преподобната мајка Параскева, во храмот „Св. Петка“ во Гостивар

На 27.10 2022 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобната мајка Параскева, во храмот „Св. Петка“ во Гостивар беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, во сослужение на протоереј Марјанчо Мадевски,ереј Мартин Андоновски и ѓакон Славче Ѓорѓески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Имајќи ја преподобната мајка Параскева за наша молитвена закрилничка пред Бога и како прекрасен Божји дар за нас, даден како постојан пример за следење, уште од денес сите ние заедно, поучувајќи се од неа, од нејзиниот светол живот да започнеме да правиме промени во сопствените животи, зачекорувајќи силно по Божјиот пат, по патот кон Царството небесно. А како ќе знаеме дека сме се промениле и дека сме стигнале барем до некаде на патот кон усовршувањето? – Тогаш кога нашата љубов ќе биде поголема од нашиот страв, кога нема да осудуваме, кога нема да има завист во нашите срца, кога ќе бидеме среќни со тоа што го имаме, кога редовно ќе го посетуваме Божјиот храм, кога ќе имаме разбирање и кога ќе му подадеме рака на другиот, кога ќе се покаеме и заплачеме за нашите гревови и прегрешенија, кога ќе Го исповедаме и примаме Христос нашиот Спасител преку Светата тајна причест, кога како светата Петка, чиј спомен денес ѝ го празнуваме ќе се потрудиме низ целиот свој живот да Му служиме на Бога – е само тогаш сме се промениле. Ако сето тоа вистински го правиме ние несомнено ќе се здобиеме со добродетелни карактеристики, со кои значително ќе ја осветиме нашата душа, која ќе тежнее кон она што е вистински добро, кон Бога и кон светото. За таа наша промена што побргу да се случи да побараме помош од светата Петка, која ја заслужила милоста пред Бога да може да се моли за сите нас.