Oсма седмица по педесетница
07.09.2022 Во осмата седмица по педесетница во Лешочкиот манастир митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија. Верниот народ се причести со светите тајни. Своја беседа по прочитаното евангелие изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото нагласи: Денешниот евангелски расказ, остава длабок впечаток дека Спасителот не ги оставил гладни оние, кои претпочитале да Го следат и да ја нахранат својата душа со Неговото слово. Он на чудесен начин ги наситил. И на многу други места во Евангелието Христос нè уверува дека, ако најнапред го бараме царството Божјо, сè друго ќе ни се даде. А ние постапуваме обратно. Ние најнапред ги бараме земните богатства и задоволства, па дури најпосле, ако остане време, патем можеме да помислиме и за царството Божјо. А има и такви кои и целиот свој живот не сакаат да помислат на Бога и Неговото царство, а сакаат да живеат само за овој свет, слично на бесловесните животни. Оној Кој му дава храна на сиот овој свет и Кој ја утврдил целата вселена и ги храни сите живи суштества, не би можел да нахрани над пет илјади луѓе? Што е тоа за Создателот на сета твар? И навистина, Господ направил такво чудо и ги нахранил со телесна храна луѓето, кои најнапред гладувале за Словото Божјо, го барале Царството Божјо. Од ова чудо брака и сестри нѐ поттикнува, исто така да извлечеме поука и дека Бог сака да бидеме едноставни, скромни, задоволни со она што го имаме и да не ропотаме.Треба секогаш да ги запамтите овие зборови: Не како ти што сакаш,туку Бог што ти дава и сака.