Педесетница - Духовден
12.06.2022 Педесетница - Духовден, Митрополитот Тетовско -гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм пресвета Богородица-Гостивар. Верниот народ се причести со светите тајни.По литургијата се отслужи и вечерна богослужба на која беа прочитани молитви за призив на Светиот Дух.Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓудругото истакна: Денешниот ден е ден во кој се открива Тајната на Пресвета Троица, исто онака како што таа била откриена и при Христовото крштение. Затоа овој ден, освен Педесетница и Духовден, се нарекува уште и Света Троица.Светата Педесетница се смета и како роденден на Црквата Христова. На овој ден таа ги примила благодатните дарови на Светиот Дух, коишто ја сочинуваат нејзината таинствена суштина. Црквата не би можела да живее без Духот Свети. А ние, нејзините членови, за да го стекнеме Духот, треба да го живееме светотаинскиот живот на Црквата.Колку е голема таа сила на Светиот Дух, која не знае за граници и прегради. Таа сила ја раѓа верата во срцето на човекот, ја преродува човечката душа, и го води секој од нас по патот на вечното спасение.Прославувајќи го денеска Светиот Дух, да се помолиме на Севишниот Он да ја испрати благодатта на Светиот Дух и врз нас. Да ни испрати дух на премудрост, дух на разум, дух на благородие и дух на вера. Па така, да го одиме нашиот христијански пат во правда и вистина.Амин.