Педесетница - Духовден
23.06.2024 На Педесетница-Духовден, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во Соборниот храм Успение на Пресвета Богородица-Гостивар, богослужеше света литургија. По литургијата се отслужи и вечерна богослужба на која беа прочитани молитви на призив на Светиот Дух. На литургијата беседеше митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото нагласи: Денес, педесет дена по Христовото воскресение, а точно на десеттиот ден од Вознесението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, на празникот Педесетница или Слегување на Светиот Дух врз апостолите - Духовден, се исполнуваат Христовите зборови, ветувањето кое им го дал на своите ученици, светите апостоли: „И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24, 49). Послушни на ветувањето од Својот учител, од денешното апостолско четиво слушнавме дека светите апостоли престојувале во Ерусалим, пребивајќи „заедно и еднодушни“ (Дела 2, 1), го очекувале слегувањето на „Духот Утешителот“ (Јован 14, 16), „Духот на вистината, Кој излегува од Отецот“ (Јован 15, 26), а Кој во вид на огнени јазици слегол врз апостолите, кои просветлени со божествениот дар од Светиот Дух, веднаш започнале да го проповедаат Евангелието на разни јазици и мноштво на верни, крштевајќи ги ја формираа Светата Црква пред цели дваесет века. Но, ете денес, кога со Слегувањето на третото лице на Пресвета Троица – Светиот Дух, го славиме и создавањето или роденденот на Црквата, според зборовите на презвитерот Филотеј Фарос: „во нашата епоха воопшто не е лесно да се слави овој настан, бидејќи ерата ни е индивидуалистичка и антагонистичка“. И навистина, во ова наше време може како никогаш до сега соборноста на Светата Црква е разнишана од суетата и од отуѓувањето на нас верниците, кои и денес се молиме на Светиот Дух, Кој е рамноправен со Отецот и Синот, да нѐ „воведе во секоја вистина“ (Јован 14, 16). Настанот на Педесетница заедно со останатите нешта, ни ја открива вистината дека еден од првите плодови на Светиот Дух е можноста за општење и меѓусебно разбирање во полнотата на Светата Црква. Откако ги прочитавме молитвите за призив на Светиот Дух, како Ваш надлежен владика и денес на Педесетница, Ве советувам со многу љубов и се молам „Свети Дух – Господ, Кој живот твори“ да Ве просветлува, осветува, заштитува и чува особено од меѓусебното лицемерие, од не-љубовниот однос, кој е често искушение особено помеѓу христијаните во овие времиња. Како христијани знаеме дека секој од нас има свои слабости и гревови и дека христијанското однесување не дозволува да имаме омраза кон нашите браќа и сестри и кон свештенството, туку дека треба да шириме љубов кон секој човек. Она што треба да го мразиме не треба да биде во никој случај човекот, туку единствено треба да го мразиме гревот, бидејќи нема човек на планетата кој не е подложен на гревовните слабости. Но она што е важно и што треба да го запамтиме е дека Бог и покрај сѐ не се откажува од нас. Он постојано нѐ љуби и затоа и денес кога е роденденот на Црквата, иако сите верници немаат физички можност да се заедно со нас соборно во храмот, иако сме духовно слаби и немоќни, сепак Он го испраќа Светиот Дух, Кој и денес слезе врз секој христијанин. Просветлени од Светиот Дух, посакувам овој значаен празник и зеленилото кое го симболизира животот даден на секој човек преку слегувањето на Светиот Дух, постојано да Ви влева нови духовни сили во надминувањето на искушенијата, кои секојдневно се појавуваат во нашите животи. Да се молиме и да живееме православно, пребивајќи во Црквата Божја за да Духот Свети никогаш не нѐ напушти, бидејќи без Неговата благодат и енергии ние не можеме да живееме. Верувајќи во Троичниот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух, да живееме светотаински, да се воцрковуваме и да ги практикуваме редовно светите тајни, преку кои ни се даваат благодатни енергии за преуспевање во светот и даровите на Духот, кои се: правичноста и правдата, мирот и мирољубивоста и радоста. Кога овие дарови ги поседува христијанинот тој е смирен, може да прости, да ги сослуша другите и да ги разбере, затоа што тој човек расудува христоцентрично и светоотечки. Нека тие дарови и благодатта на Светиот Дух биде постојано со сите, за да вистински ја прославуваме Пресветата и Животворна Троица – Едниот Бог во Три Лица, сега и секогаш и во сите векови. Амин!