Петнаесеттата недела по Педесетница
17.09.2023 во Петнаесеттата недела по Педесетница, во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф.Верниот народ се причести со светите тајни.По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Браќа и сестри во денешното евангелско четиво ги слушнавме зборовите на нашиот Спасител, за тоа кои се најважни Божји заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: 'возљуби го својот ближен како себеси'!" (Мт. 22, 37-39). На овие две заповеди, како што вели и Самиот Спасител, се засновува целата суштина на Божјиот закон. За истите две заповеди, на друго место, пак, Самиот Христос ќе му каже на еден законик: „Тоа прави го и ќе живееш" (Лк. 10, 28). Овие заповеди се толку зависни една од друга, така што не може едната да се исполни, а другата да се изостави, ниту, пак, обратно.А како можеме да го возљубиме Господа со сиот свој разум? Пред сè, ако постојано го имаме во својот разум Божјото име, потоа, ако Исусовата молитва постојано се соединува со нашиот ум и ако Божјото присуство е постојано во нашите мисли.Ние не можеме да Го љубиме Бога се сето срце, со сета душа, со сиот разум и со сите сили, а притоа да не го љубиме својот ближен. Ние нема да можеме ниту да ги љубиме ближните како што треба, ако најпрво не се научиме да Го љубиме Бога.Од нашата љубов кон Бога произлегува и нашата љубов кон сите луѓе како кон наши браќа. Како што љубовта меѓу родени браќа произлегува од тоа што се рожба на еден ист родител, така и нашата љубов кон ближните е плод од еден Отец небесен.Да Го засакаме Бога со сето наше битие и нашите ближни како себеси. Нашите ближни се видливо поле,на кое ние ја покажуваме љубовта своја кон невидливиот Бог.Затоа може слободно да речам дека нашите ближни се училиште во кое се вежбаме во најсовршената љубов -љубовта кон Бога.Да се потрудиме да ги живееме овие Божји заповеди и да постапуваме според нив.Амин.