Петта Недела од Великиот Пост (Недела на Света Марија Египетска)

10.04.2022 Во петтата Недела од Великиот Пост (Недела на Света Марија Египетска), Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоерејот ставрофор Томислав Јосифовски,ереј Велјанчо Огненовски и ѓаконот Илија Деспотовски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храм Пресвета Богородица-Тетово.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Митрополит Тетовско-гостиварски г.Јосиф на службата говорејќи за Света Марија Египетска пред верниците рече и им порача:Наоѓајќи се во овој Велигденски пост, а прославувајќи ја и света Марија Египетска да се обидеме да отфрлиме од нашиот ум, срце и волја секакви суетни мисли и постапки, кои ќе не оддалечуваат од Христа Бога, од Неговата правда и љубов, а преку тоа и од Неговата благодат.Оваа недела, Црквата си спомнува за богоугодниот живот на преподобна Марија Египетска. Нејзиниот живот е вистински пример за Божјата милост кон оние кои живеат во молитва и покајание, пример за Божјата желба секој човек да се покае и да биде спасен, пример дека сопственото преумување, менувањето на начинот на живеење во христијанска смисла несомнено вродува со плод.Целта во животот да ни биде духовно издигнување, поправање и уподобување на Божјите угодници. Да ја подражаваме света Марија Египетска и во покајанието. Да станеме подобни на неа, да ја достигнеме чистотата.