Пренесувањето на моштите на св.Николај Мирликиски (летен)

На 22.05.2011 година, денот кога го прославуваме Пренесувањето на моштите на св.Николај Мирликиски (летен), во храмот св.Никола-с.Жилче,Тетовско митрополитот Тетовско-гостиварски ги благослови кумските лебови.Во својата беседа пред верниот народ митрополитот честитајќи им ја славата меѓу другото нагласи:Денеска нашата света православна Црква прославува еден голем угодник Божји, свети Никола Мирликијскиот чудотворец. Денес го прославуваме всушност неговиот пренос на моштите. Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител беше пренесено од Мир Ликиски во градот Бари во Италија.Дојдовте во толку голем број да му ја одадете заслужената почит на Мириликискиот архипастир, кој бил и пример на кротоста и на смиреноста, но особено бил пример како треба да се прават добрини, поради што христијанската Црква во неговото лице ни дава највозвишен пример на милосрдие и добротворство.Ме радува што гледам дека со голема почит и љубов го чествувате вашиот молитвен заштитник на вашево населено место. Денеска собрани во овој свет храм, ние преку песни го воспеваме и фалиме прекрасниот наш светител и брз помошник. На сите кои со вера, љубов и искрена молитва прибегнуваат кон него тој брзо им ја дава неговата помош. И многумина од нас што стоиме во храмот Божји, можат да си спомнат и да си кажат дека навистина свети Никола ни помогнал многупати. Ние не можеме да кажеме дека не добиваме одговор од Господа по молитвите на светите угодници кои ги почитуваме и ги повикуваме на помош. Секое наше доаѓање во храмот како вистински верници ние сме должни по нешто да научиме. Не е убаво бесполезно да се посетува храмот, туку секогаш треба да понесеме со себе по еден мал дел кој ќе ја зацврстува, утврдува и просветува нашата душа. Само тогаш милостивиот Господ ќе го види нашиот труд, нашето настојување, нашето тежнение, нашите желби и нашата борба со самите себе и ќе ни помогне да го носиме нашиот крст, кој Он ни го има дадено за наше спасение на душата. Да се обратиме со искрена молитва кон свети Никола, тој со неговите молитви да ни помогне, да ни ја зацврсти нашата вера, да ни ја умножи љубовта.Амин.Христос Воскресе.