Преображение Господово 2024
На ден 19.08.2024 година на празникот Преображение Господово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света Литургија во храмот во изградба посветен на Преображение во н. Циглана-Гостивар. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. Согласно типикот и традицијата беше благословен и лозовиот плод - грозјето, од кој ќе биде произведено новото вино, а кое, на чудесен начин, како и самиот настан на светото Преображение, на светата Литургија ќе стане Света Крв Христова. На литургијата и чинот на благословување на грозјето присуствуваше и премиерот на владата на Р. Македонија г. Христијан Мицковски со членови на владата и пратеници на Собранието на Р. Македонија. Црковниот одбор за целиот верен народ приреди трпеза на љубовта. На самиот крај, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денес е голем празник. Денес овде во н. Циглана-Гостивар, целиот народ со радост се искачува на оваа висорамнина, да го посети овој велелепен храм во изградба посветен на денешниот празник. Радост ми е што овој наш манастир и храм во изградба се преобрази во една вистинска црковна заедница и лечилиште на нашите души. Денес е празникот на Господовото преображение на гората Таворска. Секоја година, во дните на Богородичниот пост кој е во тек, ние си спомнуваме за еден од позначајните настани од животот на нашиот Бог и Спасител Господ Исус Христос, за Христовото преображение, за настанот преку кој нашиот Господ им се открива во слава на своите апостоли Петар, Јаков и брат му Јован (Матеј 17,1), како што ни соопштува денешното евангелско четиво. За да појасно да ја разбереме тајната на овој настан, ќе ги споменеме и настаните кои му претходеле. Всушност, Преображението се случило во последната година од Христовата спасителна мисија овде на земјата. Таа година во пресрет на страдањата кои наближувале, Христос започнал да им говори на своите ученици, на светите апостоли дека Тој „мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен и на третиот ден да воскресне“ (Матеј 16, 21). Овие зборови длабоко ги растажиле апостолите, особено апостолот Петар, кој само шест дена пред Преображението, кога биле во земјата Кесарија Филипова огнено исповедал дека Христос е „Синот на живиот Бог“. Токму поради апостолската нажаленост, Господ Исус Христос посакал преку Неговото преображение да ги утврди и охрабри, како и да ја зацврсти нивната вера за да не бидат малодушни кога ќе ги видат страданијата. Но настанот на овој празник, освен што ги укрепил апостолите во верата, го утврдува и сето човештво до денес, во единствената Вистина под небото, во Христос Богочовекот. За таа Вистина, преподобниот отец Јустин Ќелијски на едно место вели: „Сите вистини во Православието произлегуваат од една вистина и се сведуваат на една вистина безграчна и вечна. Таа вистина е Богочовекот Христос. Ако до крај ја проживеете некоја вистина на Православието, мора да пронајдете дека нејзиното срце е Богочовекот Христос. Нажалост, ние во ова современо општество се оддалечивме и не сакаме да ја искачуваме Таворската гора и да Го гледаме Оној, Кој се преобрази за нашите слабости. Но кога еднаш човек ќе ја погледнеме таа светлина – тој посакува секој ден да се искачува на Тавор. Ние како христијани сме повикани да чекориме на тој пат, на патот на преображението и богоуподобувањето. И секој од нас што поскоро треба да започне да го оди и искачува тој пат. Иако на тој пат ќе сретнеме многу искушенија, треба да сме упорни и со помош на постот, молитвата, добродетелниот живот и секојдневното покајување и ние личносно да се преобразиме од лоши во подобри луѓе, во вистински христијани. Моја порака е сите ние, преку активен духовен живот и аскетски подвиг во Црквата, да се најдеме во светлоста на Преображението. И нема друг излез од моралната ерозија од која е заразен нашиот народ. Прославувајќи го денеска светлото Христово Преображение и ние со тројцата апостоли, да ја засведочиме Неговата слава на Преображението. Со молитва да отфрлиме од нас сè што е земно и грешно, и да го засакаме возвишеното и благородното. Така преобразени, очистени и осветени, постојано да го славиме името на Севишниот, сега и во сета вечност. Амин! Бидете благословени и имајте лесни Богородични пости. Дај Боже набрзо да го довршиме и осветиме овој велелепен храм кој е наша Гора Таворска, наше место на мир и духовна радост.