Преп. мч-чка Параскева - Петка

На ден 08.08.2024 година, на споменот на преп. мч-чка Параскева-Петка, света архиерејска Литургија беше отслужена во црквата „Св. Петка“ - Гостивар, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верното стадо со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денеска нашата Света Православна Црква го прославува споменот на света маченица Параскева - Петка. Секогаш овој храм овде во Гостивар, без разлика дали е денот на нејзиниот празник, исполнет е со верен народ кој ја почитува и ја моли таа да биде молитвеница пред Бога за сите луѓе. И самата изградба на овој храм сведочи за вас како народ дека ја чуствувате св. Петка за ваша заштитничка. Оваа светителка живеела во 2 век во Рим. Била од богат христијански род, живеела испоснички и девствен живот во домот на нејзините родители. Кога тие се упокоиле, Параскева го продала имотот и средствата, ги поделила на сиромаси, а таа се замонашила. Како монахиња продолжила со уште поголема ревност да живее според Словото Божјо. Покрај тоа што живеела според прописите на Христовата Црква, таа и неустрашливо го проповедала Словото Божјо. Заради тоа ќе биде изведена пред тогашните римски безбожнички, односно многубожечки власти, каде силно и непоколебливо ќе ја исповеда верата во Христа и со истата ќе направи и повеќе чуда, и на крај маченички ќе го заврши својот живот со отсекување на нејзината глава со меч. Зошто Црквата наредила да се прославуваат светиите и нивниот спомен? Каква цел има ова празнување? Црковните празници и празниците на светиите не се дадени само за восхит, туку и со цел да ги подржуваме нив и нивниот подвиг, и да одиме по тој пат по кој што оделе тие. Уште во Стариот завет, Бог му заповедал на Израелскиот народ: Бидете свети, зашто Јас сум свет (3. Мој. 11, 45).
И Божјите угодници биле луѓе како и ние. Со ништо во човечката природа не се разликувале од нас. Имале потреба и за јадење и за пиење, и за облека и за сите други потреби што ги имаме и ние како луѓе. Согласно ова, ние немаме изговор дека сме слаби и немоќни за да ги подржуваме во постот, во молитвата, во подвизите и во сите  други дела што ги правеле Божјите угодници.
Денес се потсетив дека на празниците кога ги славиме светителите на Црквата, најчесто се читаат зборовите од Евангелието: „Вие сте солта на земјата“ (Мат. 5, 13). Овие зборови Христос Господ им ги упатува на апостолите, а преку нив на сите христијани до крајот на вековите. Нашата православна вера е солта на земјата. А во која смисла Христос ја нарекува сол?
Солта има две својства. Првото е да ѝ даде вкус на храната. Па како што без сол ниту едно јадење нема да ни биде вкусно, туку ќе биде блуткаво и безвкусно, така и нашиот живот нема да има никаков вкус, никаква убавина ако не е верата, ако не се светителите, ако не се празниците на Црквата.
Па и ние кои се наоѓаме денес во овој храм, посветен во нејзина чест овде во Гостивар, да се обратиме со искрена молитва кон света Петка, да ни даде и ние да поднесеме еден дел од нејзините подвизи, па и ние да имаме храброст и цврстина да Го исповедаме на секое место и во секое време Господа Христа, но не само со збор, туку нашата вера да биде пропратена и со добри дела, бидејќи во светото Евангелие се вели: Нема да биде спасен само оној што Ми вели: „Господи, Господи", туку оној што го слуша словото Мое и прави добри дела, бидејќи верата без дела е мртва како и телото без душата, како што вели свети апостол Јаков. По молитвите на светата маченица Параскева, Семилостивиот Бог да ги послуша и услиши нашите молби, па да одиме по Неговиот пат и да измолиме милост Божја за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. На сите оние го чествуваат нејзиниот спомен како домашна слава и го носат нејзиното име, нека им е честит овој празник! Да упатуваме молитви кон неа и понатаму да биде наша застапничка пред Бога и заштитничка на Гостивар и сиот православен народ, од сите наши земни видливи и невидливи непријатели, постојано сега и секогаш и во вечни векови – Амин!