Преподобниот отец Гаврил Велички

На ден 12. 01. 2024 година кога го празнуваме споменот на Преподобниот отец Гаврил Велички во Лесновскиот манастир, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф чиноначалствуваше  на Светатата литургија во сослужение на надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион. Верниот народ се причести со Светите Тајни. По Литургијата беа благословени кумските колачи. Пo завршувањето нa Литургијата, Митрoпoлитoт г. Јосиф се oбрaти кoн верниците сo пригoднa беседa на која меѓудругото истакна: ,,Најпрво би сакал да заблагодарам за поканата и честа што ми ја укажа Вашиот надлежен архиереј Митрополитот Брегалнички г. Иларион денес на овој би го нарекол голем ден за Лесновската обител која го прославува Св. Гаврил Велички да богослужиме Света Литургија и да беседам за светител, кој е од нашиот род и кого сите ние длабоко го почитуваме и го имаме како наш молитвеник пред Бога. Кога станува збор да говорам за светител, каков што е нашиот денешен славеник, навистина не е лесно. Неговиот живот е исполнет со богопросветни дела и подвизи што насочуваат кон патот на спасенито. Постојат светители што ни е дадено, а постојат и некои што не ни е дадено да ги знаеме, но кои како пресветли ѕвезди светат на небото. Светиот Гаврил Светогорец е една од тие ѕвезди што самата ни се објави, која заедно со другите знајни и незнајни го осветлуваат небото на нашите срца. Св. Гаврил Велички се удостоил уште за време на овој живот да биде носител на благодатта на Светиот Дух и сведок на Божјата љубов. Покрај многуте дарови што ги поседувал, Себлагиот Бог му го дал и дарот на чудотворство.
Имал голема вера и љубов кон Бога, така да за што и да го помолел Бога, веднаш го добивал. Еве еден таков пример од многуте што го прочитав неодамна. Долго време немало дожд во Лесново и селаните дошле да го молат отец Гаврил да се помоли на Бога да им испрати дожд. „Дојдете, ајде сите да се молиме на Бога…” и среде молитва, за чудо и радост на сите започнало да врне. Селаните започнале да му благодарат за молитвите, а отец Гаврил им се обратил скромно со зборовите: „Никогаш не ги препишувајте чудата на себе… Тоа не сум јас… Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!”.
Самиот негов подвиг да стигне пеш од Солун на Атон ја изразува неговата ревност и желба целиот свој живот му го предаде на Христос. По три дена и три ноќи одење, стигнал на Света Гора. Затоа и директно од игуманијата на Света Гора – Богородица, добил благослов да остане. Се раскажува дека кога стигнал во монашката држава, дошол на брегот на Белото море и сакал да се измие. Тогаш здогледал жена која умилно го гледала. По некое време жената, како што дошла, така и заминала. Размислил и заклучил дека тоа била Богородица, бидејќи пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрило во неговиот понатамошен подвиг.Отец Гаврил со својот богоугоден подвижнички живот засвети како светло зрачна ѕвезда во темнината на заблуда. Неговиот свет живот допринел многу луѓе да го почитуваат и сакаат, гледајќи во него нешто свето и чисто, нешто што не е од овој свет.Треба да знаеме, браќа и сестри дека човекот како Божјо создание, нема друга причина за своето постоење освен светоста. Светоста е и целта и смислата на човековиот живот. Оттаму, вечно актуелниот заклучок за човекот е дека крајна цел на неговото постоење е да се обожи, восовршувајќи се по мерата која Самиот Спасител, Господ Исус Христос ја поставува: Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен. Денес сите ние сме тука собрани во Лесновската света обител како заедница покрај кивотот со светите мошти на св. Гаврил Велички кој е богоугодник од нашиот македонски род и од нашето време. Да се помолиме да се застапува и моли на Бога за сите нас, за нашиот народ, за нашата црква, за клирот, особено за нас епископите кои сме избрани да го водиме народот на патот на спасението. По неговите свети молитиви Троичниот Бог нека не благослови на секој животен пат, на секое добро дело, за да го зачуваме и достојно прославуваме споменот и празник на овој наш светител, чиј сјаен ореол ќе не осветлува нас и нашите потомци после нас. А на крај за се да Му се заблагодариме на Бог, постојано сега и секогаш и во сите векови! Амин".