Претеча и Крстител Јован
На 11.09.2023 година, на денот кога си споменуваме за настанот на отсекувањето на чесната глава на светиот пророк, Претеча и Крстител Јован, во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денеска сите ние собрани на литургија во овој храм во Гостивар, прославуваме еден тажен настан. Но, во исто време и се радуваме. Се радуваме затоа што громогласната труба, гласот на оној што вика во пустината и во нашите оладени срца и совест, нè буди и нè повикува, укажувајќи ни на патот што води кон нашиот Спасител. Затоа денешниот ден е и тажен и радосен. Жалосен е бидејќи ние, според човечкото разбирање, остануваме без молитвеник, немаме патеводител, немаме учител, нема кој да тагува за време на нашите душевни и телесни страдања. Од друга страна, пак, ги помниме смртта и страдањата на Христа, на Оној Кој го победи злото, а смртта на Јован Претеча ни дава гаранција дека тој, сега, како угодник Божји, се наоѓа пред Престолот Божји и е наш молитвеник пред Бога. Тој постојано се моли за нас коишто го прославуваме и го почитуваме неговиот спомен. Да се обратиме браќа и сестри и ние со искрена молитва кон св. Јован Крстител. Тој да биде наш молитвеник и поткрепувач на нашата вера. Та и ние да ги отвориме нашите срца и души со искрено покајание, за да добиеме простување на нашите престапи, грешки и гревови, а преку тоа да се здобиеме со благодатта Божја и да одиме по вистинскиот пат кон царството небесно. Наоѓајќи се денес овде во овој храм во Гостивар, да се поучиме од животот на Свети Јован. Да се сетиме на неговата цврста и непоколеблива вера, неговата правдољубивост и вистинољубивост, неговата недволичност, искреност и чесност. Овие принципи да ги усвоиме и во нашите животи, па постапувајќи и живеејќи така, да измолиме милост Божја.