Прославата на патрониот празник на Богословијата во Сремски Карловци
На ден 10.11.2023 година Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф на покана на Неговото преосвештенство Епископот сремски г. Василије и Ректорот на Српската Богословијата во Сремски Карловци протоереј-ставрофор г-дин Јован Милановиќ присуствуваше на прославата на патрониот празник на Богословијата во Сремски Карловци. Света литургија се богослужеше во Соборниот храм „Свети Николај“ во комплексот при Патријаршискиот двор, а чиноначалствуваше Митроплитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на надлежниот Епископ сремски г. Василије и свештенство од СПЦ и МПЦ. По завршување на Литургијата во чест на светиот Арсениј беше прережан славскиот леб и благословено коливото-пченица. Трпеза на љубовта по повод празникот домаќините организираа во трпезаријата на богословијата. Свое поздравно слово изрече Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, кој меѓу другото нагласи: „Секое време, а особено на ова нашето им се потребни добри свештеници, монаси, вероучители и теолози, кои во секое време ќе бидат подготвени да му помогнат на човекот и на човештвото, кое нажалост се оддалечува од Бога и тоне во гревот, од кој се умножува злото насекаде ширум светот. Затоа, секој од нас духовниците и вашите наставници вложуваат голем труд вистински да Ве воспитаат и да Ве подготват да одговорите на сите искушенија, кои како идни свештени кадри Ве очекуваат. Ползувајте го плодоносно времето во Богословијата и колку што можете повеќе трудете се во духовниот напредок и изградување на вашата личност до степен на обожение, бидејќи според зборовите на великиот свети Григориј Богослов она што го прави еден богослов да биде вистински богослов тое е очистувањето на срцето и просветлувањето на умот. Запомнете колку повеќе се тудите на тој пат – толку повеќе и Бог ја излива својата благодат, која ни дава духовна сила за да според зборовите на нашиот Спасител бидеме солта на земјата и светлина на светот. Светиот Арсениј, чиј спомен денес го празнуваме нека ви биде вечен закрилник на сите вас, кои работите и се школувате во оваа Богословија и секако на оваа епархија и на Вашиот владика, на кого му благодарам на поканата да бидам дел од оваа свечена прослава на Вашиот патрон празник и за можноста со сите Вас да ја споделам оваа празнична радост. Ја користам оваа прилика да ги пренесам честитките од името на нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан и секако од мое лично име на Неговото преосвештенство, Епископот сремски г. Василије да му го честитам големиот овогодишен јубилеј 45 години од неговата хиротонија во епископски чин. Преосветен владико Ви посакувам уште долги години предана архиерејска служба на Бога и на народот. На крај од ова мое поздравно слово на сите тука присутни ви посакувам мир и благослов од Бога. Нека ви е честит патрониот празник и по молитвите на светиот Арсениј Сремац оваа Богословија уште долги години, како и досега биде духовен расадник на многу идни генерации на богослови. Нека е за многу години!“. Чествувањето продолжи и во вечерните часови со пригодна Свечена академија.