Првата сабота од Великиот пост - Тодорова сабота

 На 12.03.2022 година, во првата сабота од Великиот пост - Тодорова сабота, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г Јосиф во сослужение на свештеници од епархијата. По литургијата беше благосливено коливо-пченица со мед во чест на денешниот празник и чудото со Св.Теодор Тирон,а беше отслужен и парастос на вечното почивалиште за помен 177 год од упокојување на нашиот преродбеник и учител Кирил Пејчиновиќ.Во својата беседа митрополитот истакна: Браќа и сестри навистина, секој православен епископ, свештеник исполнет е со неискажлива радост, кога гледа како верната паства ги запазува Господовите заповеди, црковните правила и канони, и како по претходна подготовка, пристапува да се причести со Телото и Крвта Господови. Јас како ваш надлежен митрополит, се радувам што нашата паства нема мртва душа, туку жива, која се надева и го очекува вечното спасение и соединувањето со Преслаткиот Христос.
Па и ние денеска, кои сме собрани во овој свет манастир во Лешок, а најголем дел сте дојдени да се причестите со Телото и Крвта Христови, да пресечеме секакви престапи и гревови од нашиот живот. Па измиени духовно и телесно, а преку тоа исчистени, да се соединиме со Христа.Ако сме свесни и ако сме сфатиле дека оваа света Тајна е премногу скапоцена за нас, тогаш, секој православен христијанин, должен е да се подготвува за достојно примање на оваа света Тајна.