Првата среда од Великиот пост
На 01.03.2023 година, во Првата среда од Великиот пост, во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ - Тетово беше отслужена Света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски, протоереј Предраг Исаевски ,протоереј Жарко Мицковски, протоереј Александар Стојановски, ереј Илија Сламков, ереј Велјанчо Огненовски. На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови тајни. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа и меѓудругото нагласи: Оваа Света Божествена Литургија, што денес ја отслуживме, во соборниот храм овде во Тетово е првата Литургија на претходноосветените Дарови во овој пост, всушност е вечерна богослужба, на која осветените Дарови или Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, беа осветени во Сирната седмица. Светата Православна Црква, во средата и петокот од оваа седмица, на своите духовни чеда им ги нуди Светите Дарови, заради преголемата ревност што тие ја покажуваат кон верата и нивната желба да не се одвојат на подолго време од Христа нашиот Бог и Спасител, односно од Неговите Свети Тајни, од Неговите Свето Тело и Неговата Света Крв т.е. Причесната. Токму затоа, Света Црква, како грижлива мајка има љубов кон верните и не сака да ги лиши од Причесната, особено оние кои тримират и покажуваат голема ревност во Велигденскиот пост.
Периодот на Великиот пост за нас христијаните е време во кое треба да се оддалечиме од сите светски суети и да се насочиме кон внатрешно делување задлабочувајќи се во нашата душа. Така ќе ги искорениме сите сокриени страсти и пороци. Спомнувајќи си за четириесетдневниот пост на нашиот Спасител во пустината заради наше спасение, да ни се засилат молитвите и воздржанието не само во јадење и пиење, туку и во мислите и чувствата. Така ќе отстраниме од себе сѐ што може да нѐ оскверни. Тоа ќе го направиме преку исповедањето на нашите гревови примајќи прошка за нив. Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Кирил и Методиј во чиј храм денес богослужевме овде во Тетово, Господ да нè просветли во овој Свет Велигденски пост, да го читаме Светото Писмо и другите богоугодни книги, да доаѓаме во храмот на молитва, на Божествените Литургии, на Вечерните служби и на повечеријата, на Акатистите, па така духовно просветлени, да можеме да се избориме и ослободиме од лукавиот.