Сиропусна недела
06.03.2022 Сиропусна недела. Прочка. Во Лешочкиот манастир надлежниот митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија. По прочитаното свето евангелие (Мат.6.14-21) се обрати митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото нагласи:Еве брака и сестри повторно сме пред почетокот на Велигденскиот благодатен пост. Главната порака од денешното евангелско четиво е многу јасна: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“. Гледате ли колку многу Бог е човекољубив, гледате ли дека Он не дава тешки наредби и заповеди, ниту, пак, со сила тера некого да прави нешто? Кротко и смирено од Неговата уста денес ги слушаме зборовите: ако ние им ги простиме грешките на нашите ближни, тогаш, едноставно, и Бог ќе ни ги прости нашите. Ако денес од нашите срца ги избркаме зависта и омразата, тогаш и Бог од нас ќе го оттргне својот гнев, зашто Бог на ништо толку многу не се гневи, колку на немилостивото срце.