Собор на светиот Архангел Михаил
На 21.11.2022 година, на денот кога го прославуваме празникот Собор на светиот Архангел Михаил и другите бесплотни Сили, во соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар беше отслужена света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј Маријанчо Мадевски, протоереј Трпе Богоевски и ѓакон Славчо Ѓорѓески. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓудругото истакна:Самиот збор „ангел“ означува „гласник“. Со овој збор се определува воглавно нивниот однос кон луѓето.Преподобниот Јован Дамаскин објаснува: „Кога ангелите според Божјата волја ќе им се појават на достојните луѓе, тие не се појавуваат онакви, какви што се по суштина, туку во таков преобразен вид во каков што луѓето можат да ги видат со своите телесни очи“.Светата Црква учи дека постојат повеќе видови на бестелесни ангелски сили. Св. ап. Павле, кога бил издигнат на третото небо, вели дека видел девет чинови и дека се поделени на три ерархии, и тоа: Престоли, херувими и серафими во првата ерархија, во втората се господства, сили и власти и во третата ерархија начала, архангели и ангели. За сите овие чинови имаме сведоштва во Стариот завет, кај пророците особено кај Исаија.На чело на сите ангелски чинови, поставен од Бога, стои Архангел Михаил.Ангелот Деница, кој бил најблиску до Бога но поради неговата гордост, отпаднал со останатите негови чинови и од небото отишол во адот, и од најсветол ангел постанал најцрн и постојан непријател на родот човечки. Тогаш, Архангел Михаил извикал силно и ги собрал сите останати ангелски чинови, велејќи им: „Внимавајте, најсветиот ангел падна поради гордост и непослушност, а ние да останеме верни на Бога кој нè создаде и во едномислие и едногласно да Го прославиме Бога.И ние кои сме собрани денес во овој свет храм да се обратиме со искрена молитва кон овие невидливи духовни сили тие да бидат наши ангели чувари.Амин